Македонија
21. November 2018 - 16:08

Унгарија ја исклучи можноста да го екстрадира Груевски во Македонија - Дескоска со спротивен став

Унгарија ја исклучи можноста за екстрадиција на екс премиерот Груевски. По добиениот азил унгарскиот министер за правда вели дека Груевски не може да биде вратен во земја во која е цел на политички прогон.

Македонските власти попусто бараат екстрадиција на поранешниот премиер, бидејќи тој веќе не може да биде вратен во Македонија откако доби азил во Унгарија. Со тоа што му е одобрен азил, Унгарија признава дека Груевски е жртва на прогон и не може да биде екстрадиран. По добиениот азил Груевски може да добие патни документи и ако сака слободно да ја напушти Унгарија.

Јас лично не ги знам причините поради кои на Груевски му е одобрен азил, но знам дека Канцеларијата за имиграција и бегалци донесе одлука по темелна истрага и утврди дека македонскиот експремиер со право се плашел за својот живот, вели Трошани во интервју за унгарската телевизија Ехо.

Македонската министерка за правда пак со спротивен став. Дескоска тврди дека согласно унгарските закони, Македонија моеж да бара властите во Будимпешта да го поништат азилот на Груевски.

  Унгарските закони се доста рестриктивни и дури даваат и можности за отповикување на дадена одлука за азил, така што Владата размислува и ќе донесе одлука да испрати барање за повлекување на одлуката за азил. Исто така, гледајќи го унгарскиот закон, оние кои добиваат азил, доколку во исто време не добијат државјанство, или трајно жителство, нивната одлука за азил се преиспитува, по службена должност на секои три години. Значи, доколку Груевски не добие државјанство, тогаш неговата одлука дури и во овој случај не биде преиспитана по барање на Владата, би требало според унгарските закони да биде преиспитувана на секои три години, појасни Дескоска.

Еврокомесарот за проширување утрово преку твитер го повика унгарскиот премиер Виктор Орбан да даде солидно објаснување зошто на Груевски му е одобрено барањето за политички азил.

– Владеењето на правото останува темелен принцип за земјите членки и земјите кандидати на ист начин. Клучно е за кредибилитетот на Европа. Изненадувачки е што Унгарија поддржува членство во ЕУ за Македонија, но, не ја смета за безбедна, напиша Хан на Твитер.