Свет
20. October 2016 - 13:11

УНФПА: Разоткриени опасностите што ги демнат 10-годишните девојчиња

Раното стапување во брак, тинејџерската бременост и другите манифестации на длабоко вкоренетите родови нееднаквости ги подриваат здравјето и правата на девојките и се закануваат на амбициозната агенда за развој на светот, предупредува УНФПА, Фондот за население на Обединетите нации, во Извештајот за состојбата на светското население во 2016 година, објавен денеска.

Десет години е клучна возраст за девојчињата насекаде, бидејќи се приближува пубертетот. Во регионот на Источна Европа и Централна Азија, некои девојчиња на оваа возраст процветуваат, постепено градејќи ги своите вештини и проширувајќи ги своите хоризонти, поттикнати од поволна и овозможувачка средина во семејството и заедницата која ги охрабрува да започнат да прават избор и да ја обликуваат својата сопствена иднина. Но, многу други заостануваат поради општествено-културните норми и дискриминаторските закони и практики.

„На 10-годишна возраст, девојчето во нашиот регион е на крстопат“, вели регионалниот директор на УНФПА, Алана Армитаж. „По кој пат ќе тргне не е важно само за нејзиниот живот. Важно е и за животот на сите нас. Затоа што сите добиваме кога едно девојче - сто девојчиња, генерација девојчиња - можат да го исполнат својот потенцијал: човечкиот капитал јакне, економиите се развиваат, богатството расте.“

Во Источна Европа и Централна Азија, девојчињата обично се добро образовани, а подоцна дури и ги надминуваат момчињата и младите мажи во високото образование, според додатокот објавен од Регионалната канцеларија на УНФПА.  

Но, комбинација од фактори спречува многу од нив да го реализираат својот целосен потенцијал како возрасни, и да дадат придонес за економско-социјалниот напредок на своите заедници и нации:

  • Предвремениот или детски брак, иако незаконски, и понатаму е честа појава во делови од регионот и често доведува до тоа девојките да го напуштат училиштето;
  • Тинејџерките имаат трипати поголеми шанси да забременат во споредба со Западна Европа, негативно засегајќи го здравјето и изгледите во животот како на мајката, така и на детето;
  • Младите жени имаат тешкотии со комбинирање на работата и подигањето на децата, бидејќи аранжманите за породилно отсуство и детска грижа не се доволни, а традиционалните родови улоги ги обесхрабруваат жените да следат професионална кариера.

Без придонесот на денешните десетгодишни девојчиња, агендата на Обединетите нации до 2030 година за одржлив развој и нејзините придружни 17 Цели за одржлив развој можеби никогаш нема да се постигнат.

„На почетокот на ерата на Агендата до 2030 година, како што се нафативме на спроведување на целите за одржлив развој, нашиот успех во многу нешта ќе зависи од тоа дали сме во состојба да го ослободиме потенцијалот на оваа генерација девојчиња“, додава Армитаж.

Новата развојна агенда, одобрена од светските лидери во 2015 година, е планот за социјално-економски напредок на земјите за 15 години. Таа е насочена кон праведен развој во кој никој не е изоставен. Отстранувањето на бариерите кои ги попречуваат 10-годишните девојчиња денес ќе ги зголеми шансите за успех на агендата, се тврди во извештајот.

Бројот на докажани политички опции што им се на располагање на владите порасна во изминатата деценија. Тие вклучуваат зацврстување на забраните за штетни практики како што се детските бракови, обезбедување обука за животни вештини и сеопфатно сексуално образование соодветно за возраста на девојчињата кои се приближуваат кон пубертетот, и усвојување родово чувствителни политики за баланс меѓу работата и животот. Најважно, тие вклучуваат и уривање на традиционалните родови улоги и стереотипи. 

Предизвикот сега, се вели во Извештајот за состојбата на светското население на УНФПА, е да се прошират ваквите интервенции и да досегнат до што повеќе девојчиња, особено до најсиромашните и најранливите.

Клучни факти и бројки за Источна Европа и Централна Азија

  • Повеќето 10-годишни девојчиња се на училиште во овој регион (но, тоа не е случај за сите групи на население, на пример, во некои земји, повеќе од 30% од младите Роми се дури и без основно образование). 
  • Детскиот брак е честа појава во делови од регионот, вклучувајќи ги и Југоисточна Европа, Јужен Кавказ и Централна Азија, но бидејќи практиката генерално е незаконска, има малку веродостојни податоци.
  • Тинејџерската бременост е во опаѓање во регионот, но сè уште е трипати почеста отколку во Западна Европа (и до шестпати почеста во некои земји).
  • Во некои земји се раѓаат далеку помалку девојчиња од машки како резултат на родово пристрасен избор на полот; регионот има некои од најголемите дисбаланси во соодносот на половите при раѓање во светот.
  • Има помалку жени од мажи во работната сила на сите земји од регионот.
  • Адолесцентките се особено ранливи во ситуации на хуманитарна криза, но нивните потреби и ранливост често се занемаруваат.

УНФПА, Фондот за население на Обединетите нации, е меѓународна агенција за развој, чија цел е да обезбеди свет во кој секоја бременост е посакувана, секое породување е безбедно, а потенцијалот на секој млад човек е исполнет.