Свет
30. јуни 2020 - 8:49

УНФПА: Потребна е итна акција за спречување детски бракови и други практики што им штетат на жените и девојчињата

Милиони девојчиња, секоја година ширум светот се предмет на практики што им штетат физички и емотивно, со целосно знаење и согласност на нивните семејства, пријатели и заедници, се наведува во извештајот за состојбата на светското население за 2020 година што денеска го објави Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА.

„Штетните практики против девојчињата предизвикуваат длабока и трајна траума, лишувајќи ги од нивното право да го достигнат целиот свој потенцијал“, вели извршната директорка на УНФПА,  Наталија Канем.

Речиси 33.000 девојчиња под 18 години денес ќе бидат присилени да стапат во брак. Исто така, екстремна наклонетост кон раѓање син наместо ќерка во некои држави доведува до родово пристрасна селекција или екстремно занемарување, што, пак, резултира со 140 милиони „исчезнати девојчиња“.

Во Источна Европа и Централна Азија детските бракови генерално се нелегални и нивниот број се намалува, но во делови од регионот се уште широко се практикуваат (во некои земји до 15 проценти од жените стапиле во брак пред да наполнат 18 години; и во некои заедници една од две жени била омажена како дете).

Државите што ги ратификувале меѓународните договори како што е Конвенцијата за правата на детето, имаат должност да ги прекинат тие штетни практики. Многу од нив реагираа со донесување закони, но самите закони не се доволни.

 

Децениите на искуство и истражување покажуваат дека приодот од „долу-нагоре“ и теренскиот пристап се подобри за да се постигнат промени, се наведува во Извештајот на УНФПА.

„Тие штетни практики имаат една заедничка основна причина: широко распространетото и постојано потценување на девојчињата и жените“, вели Алана Армитаж, регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.

„Сепак, гледаме дека социјалните норми се менуваат во вистинската насока и постои реална шанса со заеднички напори на владите, граѓанското општество, и влијателните личности, практиките коишто им штетат на девојчињата да ги испратиме во историјата. Програмите за промена на дискриминаторските социјални норми се ефикасни во елиминацијата на штетните практики, но тие не треба да се фокусираат само на овие практики. Наместо тоа, треба да се осврнат на пошироките проблеми, вклучувајќи ја и подредената позиција на жените и девојчињата, нивните човекови права и како да го подигнат својот статус и пристапот до можностите“, се наведува во извештајот.

На глобално ниво, искоренувањето на детските бракови и на осакатувањето женските гениталии ширум светот е можно во рок од 10 години. Тоа може да се постигне со зголемување на напорите да се задржат девојчињата во училиште што подолго за да се стекнат со животни вештини, а мажите и момчињата да се вклучат во социјалните промени.

Инвестициите во вкупна вредност од 3,4 милијарди долари годишно до 2030 година ќе ги прекинат тие две штетни практики и ќе го прекинат страдањето на околу 84 милиони девојчиња, покажува извештајот.

И покрај постигнатиот напредок во прекинувањето на некои штетни практики ширум светот, пандемијата со вирусот Ковид-19 се заканува дека ќе доведе до спротивен ефект.

Неодамнешна анализа откри дека доколку услугите и програмите останат прекинати и во наредните шест месеци, дополнителни 13 милиони девојки може да бидат присилени да стапат во брак и уште два милиона девојки да бидат подложени на осакатување на гениталиите во период до 2030 година.

Пандемијата може да го зголеми ризикот од принудни рани бракови како стратегија за намалување на економските оптоварувања во семејството. И блокадата на јавниот живот, затворањето на училиштата и ограничувањата во движењето ги нарушуваат навиките на адолесцентите и нивните системи за поддршка.

„Пандемијата доведе до зголемен ризик кај девојчињата и се заканува дека ќе го поткопа напредокот што го постигнавме“, вели Армитаж.

„Ние мора да ги удвоиме напорите за да се осигураме дека девојчињата насекаде се целосно во можност да ги уживаат своите права, да прават избор за својот живот и за своите тела“.