Македонија
25. May 2019 - 16:26

УНЕСКО бара депонијата Буково да затвори, локалните власти немаат алтернатива

Југозападниот плански регион оваа година мора да изнајде решение за изградба на регионална депонија. Според препораките на Унеско, депонијата во Буково треба да биде затворена до крајот на 2020 година. Со тоа Охрид ќе остане без можност каде да го депонира отпадот. Екологистите остануваат на ставот дека предложената локација кај Дебарца е погрешна бидејќи општината е главно и најголемо сливно подрачје на Охридското езеро.

Инаку УНЕСКО деновиве препорача во извештајот кој треба да биде разгледан на 43 сесија на Комитетот за културно наследство во Баку, Охридскиот регион да се стави на Листата на загрозени подрачја со светско наследство.

Од комисијата за управување со природно и културно наследство за охридскиот регион велат дека се преговара за изнаоѓање на нова локација за изградба на регионална депонија, а најавија и дека ќе реагираат на сите неправилности во насока на загрозувањето на статусот на светското наследство.