Македонија
3. April 2019 - 16:13

УНДП се постојан партнер на Северна Македонија за одржлив развој на државата и остварување на европската интеграција

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Мирјана Спољариќ-Егер, помошничка на администратор на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и директорка на Регионалното биро за Европа и Заедницата на независни држави, која престојува во дводневна официјална посета на земјата.

-На средбата беше изразено взаемно задоволство од одличната и плодна соработка што постои меѓу претставниците на системот на ОН во земјата и беа разменети мислења и за тековните активности од соработката со УНДП кои, како што истакнаа двете страни, се голема поддршка за остварување на приоритетите и исполнување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Заев, информирал за најновите настани во државата, потенцирајќи дека Владата по решавањето на долгогодишниот спор со Грција е посветена на процесот на остварување на стратешките цели на државата, полноправна членка на НАТО и Европската Унија.

-Соработката со УНДП е многу плодна и изразувам задоволство за партнерството што е создадено со Владата на Северна Македонија за проектите кои се однесуваат на модернизацијата на образованието, поддршката во проектите за вклучување на младите и нивно полесно вработување, користејќи ги моделите на УНДП за занимања кои ја зголемуваат вработеноста и го помагаат претприемаштвото, како и градењето на капацитетите на организациите на граѓанското општество, истакна премиерот Заев, потенцирајќи дека главната цел е економски развој на земјата, поттикнување на инвестициите и просперитет за нејзините граѓани, но и за земјите од целиот регион.

Заев потенцирал дека успешните примери од заедничката соработка и начинот на кој Македонија ги решава развојните прашања може да бидат споделени преку мрежата на УНДП. Исто така била изразена подготвеност за поттикнување и подобрување на дигиталната соработка во регионот, посочувајќи ја дигиталната трансформација, која е и една од приоритетите на Стратегијата на ЕУ како неопходна за зголемување на квалитетот на животот на сите граѓани.

Соговорниците изразиле очекување и уверување за продолжување на успешната соработка во однос на заедничко дефинирање на стратешките приоритети, тековните активности, имплементацијата на постоечките проекти од интерес на државата и граѓаните, кои се значајни и од аспект на приближување на земјата кон стандардите на Европската Унија.