Свет
14. December 2016 - 9:11

Умерениот Паоло Џентилони ја презеде премиерската функција во Италија

ДПА - Берлин

Со Паоло Џентилони како премиер, Италија доби умерени лидер со репутација на ладнокрвен и трезвен човек, кој внесе промена во стилот (ако не и незабележано во политиката) по неговиот темпераментен млад претходник, Матео Ренци.

Познат по понекогаш искривените очила, густата сива коса и познатата елоквентност, 62-годишниот Џентилони беше надежен и лојален министер за надворешни работи во кабинетот на Ренци повеќе од две години.

Тој ја доби премиерската задача со благослов на својот поранешен шеф, кој го одржа ветувањето дека ќе поднесе оставка ако загуби на референдумот за уставни промени на 4 декември и сакаше да биде наследен на позицијата од доверлив помошник. Ренци останува на чело на владејачката Демократска партија.

- Тој е тивок, но не е лесно да се контролира, не е агресивен и нападен, туку е стабилен. Тој е навистина добар избор за земјата, изјави за Џентилони неговиот долгогодишен пријател и сопартиец Ермете Реалачи во интервју за весникот „Фољо“ во 2014 година.

Џентилони ја презеде премиерската функција во земја која е соочена со голема банкарска криза. Тој нема особени познавања за економските прашања, но недостигот од искуство во областа на надворешните работи не му пречеше да биде компетентен министер за надворешни работи.

На таа позиција ја замени Фредерика Могерини, која стана прв дипломат на Европската унија. Тој се придржуваше кон проевропската и про-НАТО позицијата на Италија и работеше за стабилизирање на Либија и за прецизирање на европските мерки како одговор на мигрантската криза - со променлив успех и на двата фронта.

- Постои миграција и Европа е должна да се справи со таа појава со заеднички сили. Единствената друга можност е преземање решенија на сметка на соседите, при што секоја земја се обидува да го префли проблемот на својата соседка, рече Џентилони за ДПА минатата година.

Според Реалачи, единствениот недостаток на Џентилони е „што е понекогаш претерано дипломат“. - Како негов пријател повеќе од 30 години знам дека Џентилони нема голема маса следбеници. Во 2013 тој се кандидираше за градоначелник на Рим, но во првиот круг беше трет со освоени малку над 11 проценти од гласовите, изјави Реалачи.

Роден во Рим, потомок на аристократското семејство Џентилони-Силвери од Толентино (еден од градовите кој неодамна беше разурнат од земјотресите во Италија), во своите студентски години навлезе во левиот радикализам пред да им се приклучи на традиционалните партии.

Тој е од умереното крило на левоцентристичката Демократска партија, и е либерален католик, кој не се согласува со линијата поддржана од Ватикан против истоополни бракови, а меѓу неговите предци на почетокот на 20-от век веќе имало политичар кој помогнал во отфрлањето на папската забрана католиците во Италија да гласаат на избори.

Како министер за комуникации во владата на Романо Проди од 2006 до 2008 година, Џентилони ќе беше запаматен по реформата со која беше ставено ограничување на влијанието на Силвио Берлускони врз медиумите, ако не пропаднеше заради паѓањето на кабинетот на Проди и повторниот избор на Берлускони за премиер.

Во 80-те години од минатиот век, Џентилони бил екоактивист и го издавал списанието за заштита на природата Легамбиенте, во кое се вклучил по своето младешки учество во Партијата на пролетерското единство. Тогаш станал и професионален новинар.

Во 90-те години од минатиот век, Џентилони е „десна рака“ на градоначелникот на Рим и левоцентрист Франческо Рутели, прво како негов портпарол, а подоцна и како организатор на неговата кампања за премиер. Кампањата не успеа, но во 2001 година Џентилони првпат беше избран за член на Парламентот.

Во приватниот живот, Џентилони е познат љубител на тенис и покер, фан на фудбалскиот клуб „Јувентус“. Зборува, француски, англиски и германски јазик. Неговата сопруга е архитект. Нема деца.