Македонија
26. January 2023 - 21:13

Умерени бугарски политичари - Бугарија повторно греши кон Македонија

Смирувачки тонови од здраворазумните политичари од Софија. Поранешниот шеф на бугарската одбрана, Велизар Шаламанов повикува на деескалација на односите меѓу Скопје и Софија и тоа со помош од НАТО

-Наместо обвинувања, време е во рамките на НАТО, службите на Бугарија и Северна Македонија, со помош на нашите НАТО сојузници, да планираат и спроведат заедничка операција за пресретнување на хибридната војна на Кремљ против Бугарија и Северна Македонија. Ќе има поголем ефект од сите досегашни напори со комисии и состаноци...најверојатно. Барем да се обидеме, вели Шаламанов. 

Универзитетскиот професор Михаил Иванов и советник на екс претседателот Жељу Желев, пак, во изјава за порталот „Локално“ вели дека претепувањето и реакцијата на бугарската држава не е изолиран случај. Според него, овој инцидент е неизбежна последица на низата провокации на великобугарските националисти и бугарските официјални власти.

-Македонофобијата во Бугарија ја зајакнува бугарофобијата во Северна Македонија и обратно. Не мислам дека по бугарското вето дојде до подобрување на односите. Наместо тоа, имаше одредено затишје поради комплицираната политичка ситуација во Бугарија. Барањето за ново вето е предавство кон Македонија и добрите бугарско-македонски односи. Да не заборавиме дека за да се подели Македонија, бугарската држава го даде својот голем придонес во минатиот век, вели Иванов. 

Вината во Софија ја бара ја политичкиот аналитичар Веселин Стојнев. Тој во коментар, објавен во Дојче Веле вели дека македонските власти експресно реагирале за случајот „Пендиков“, но и дека агресивните изјави на политичарите од Софија се контрапродуктивни.

-Колку повеќе им наметуваме на Македонците дека сме биле едно, дека нивното е всушност наше, толку повеќе им ја разгоруваме желбата да бидат поинакви, сè повеќе различни од нас Бугарите, вели Стојнев.

Поранешниот амбасадор, Нано Ружин, пак, ја критикува македонската страна. Вели, треба да се смири балканскиот менталитет, но предупредува дека треба да бидеме внимателни бидејќи Бугарија е пред нови избори, а Македонија се повеќе се користи за добивање некој глас повеќе.

Инцидентот во Охрид беше причина Софија да го повлече амбасадорот Ангелов од Скопје, а во изминатиот период маргинални политички ликови од Бугарија речиси секојдневно провоцираат со антимакедонски изјави.