Свет
24. April 2019 - 21:49

Украина бара вонредна седница на СБ на ОН поради указот на Путин

Украина побара одржување вонредна седница на Советот за безбедност на ОН поради одлуката на Русија да го олесни издавањето на руски пасоши за жителите на украинските региони Доњецк и Луганск.

Можно е седницата да се одржи утре, изјави извор од светската организација.

Во писмото испратено до претседателот на СБ, Украина наведува дека руската одлука се заканува на нејзиниот суверенитет.

Претходно денеска рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ со кој се олеснува процедурата за издавање руско државјанство на жители на областите Доњецк и Луганск. Со таа мерка Украинците ќе можат да добијат руски пасош најдоцна за три месеци од поднесување на барањето.