УКИМ го одбележа патронатот со свечена академија | Сител Телевизија
Македонија
21. May 2018 - 22:08

УКИМ го одбележа патронатот со свечена академија

Ќе го помагаме и поттикнуваме развојот на унвиерзитетската дејност на сите универзитети во Македонија и таа помош и поддршка ќе бидат секогаш достоинствено проследени со почитување на нивната автономија, истакна премиерот Зоран Заев вечерва на свечената академија со која Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го одбележа својот патронат и 69 години од основањето. 
 
Претседателот на Владата зборуваше за заложбите што во насока на квалитетно високо образование ги презема Владата, посочувајќи го донесувањето на новот  Закон за високо образование и Стратегијата за развој на образованието 2018-2015 во која, рече, прв приоритет во високото образование е да се обезбедат квалитет и ефикасност во согласност со добрите европски практики.
 
- Со универзитетите веќе работиме на враќањето на автономијата, како и на поголемо меѓународно поврзување на факултетите. Ќе ги зголемиме инвестициите во науката, истражувањето, развојот и иновациите. Ја унапредуваме и содржината на студии низ проширена листа на наставни предмети. Приоритет е подобрување на достапноста на лицата со попреченост, а посебно внимаваме и на подобрување на условите во студентските домови. Воспоставуваме услови за зголемување на инвестициите во високото образование. Истовремено работиме активно и на унапредување на состојбата со македонскиот јазик и на чувањето на колосалното идентитетско наследство што  ни го оставија во аманет нашите просветители, истакна Заев во обраќањето. 
 
Зборувајќи за мисионерското дело на Кирил и Методиј со кое го задолжиле сиот словенски свет, премиерот нагласи дека просветителите во 9 век дејствувале широко и без предреасуди покажувајќи дека така се негуваат вредностите за колективното добро и дека мора да се верува во визијата оти  тоа е можно.
 
- Тоа бара макотрпна работа, бара да се издигнеме на културно и општествено ниво, бара да се надминеме самите себеси, но само тоа е патот што ги поместува границите и хоризонтите кон една светла иднина за сите, порача Заев. Рече и дека на нашето општество му е неопходна академската мисла, идеја и критики и затоа ги повика сите професори, студенти, медиуми, граѓанскиот сектор да бидат партнери во развојот на науката, да советуваат, критикуваат и насочуваат, да не бидат пасивни зашто, како што рече, потребни му се на  заедничкото општество. 
 
Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски во својата поздравна реч посочи  дека со должна почит Универзитетот се потсетува на своите заштитници и на нивното епохално мисионерско дело, заслужни за културниот развој на сите словенски народи и поради тоа прогласени за патрони на Европа, а од црквата за рамноапостоли.
 
Во однос на постигнувањата на УКИМ истакна дека е предизвик да се остане на врвот и да се биде најголем и најдобар универзитет во земјава за што потврда е извештајот од петтата надворешна евалуација во октомври минатата година, кој констатирал напредок во однос на претходната евалуација.
 
УКИМ го следи аманетот на своите патрони и континуирано се залага за квалитет и да биде во чекор со современите стандарди за високо образование и во тој контекст посочи дека Скопскиот универзитет има повеќе од 180 билатерални соработки и над 300 Еразмус-договори со врвни универзитети од Европа, а новина е можноста студентите да стажираат во странски компании.
 
 
- Можеме да бидеме задоволни од позитивните оценки, но не треба тука да застанеме. Препораките за низата прашања во високото образование кои ќе доведат до повисок квалитет треба што поскоро да најдат соодветна разрешница. Во таа насока УКИМ посебно внимание посветува на неговата високообразовна понуда, а особено за можностите и перспективите на завршените студенти и нивното успешно пласирање на пазарот на трудот, истакна Јанкуловски. Додаде и дека наставно-образовниот процес се осовременува со нови студиски програми и повика да се негува квалитетот за, како што рече, да останат најпрестижен универзитет за домашните студенти и атрактивен за странските.
 
Во 69-те години постоење, од УКИМ излегле над 170 000 високостручни кадри, магистри, специјалисти, доктори на науки во сите научно-наставни области.
 
Свечената академија која се одржа во Македонската филхармонија беше збогатена со музичка програма во која настапија хорот на Академското културно-уметничко-друштво „Мирче Ацев“ и Биг-бендот на Факултетот за музичка уметност-Скопје.