УКИМ додели признанија за 67-от роденден
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска го одбележа 67-миот роденден со молебен и со доделување награди и почесни титули, а вечер во Македонскиот народен театар ќе го заврши годинашното чествување на патронатот со свечена академија на која ќе се обрати ректорот Велимир Стојковски.
Со молебенот на универзитетскиот кампус чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, а цвеќе пред споменикот на браќата просветители положија делегации од факултети и институти на УКИМ, од МАНУ, претставници од други универзитети од земјава и од странство, од Папскиот универзитет „Урбанијана“ во Ватикан, Московската духовна академија, Амбасадата на Русија во Скопје, од Стопанската комора на Македонија...
- За нас е голема чест што патрони и чувари на нашиот Универзитет се браќата Кирил и Методиј и да се носи нивното име е од големо значење, но истовремено и голема обврска, истакна ректорот Стојковски на доделувањето на годинашните награди и признанија по повод роденденот на УКИМ.
Оваа година УКИМ додели две почесни тутули доктор на наука во областа на медицината - на Евамари Хеј-Хокинс, продекан на Факултетот за хемија и минералогија на Универзитетот во Лајпциг, и на Ирене Марта Ланг од Медицинскиот универзитет во Виена, која е врвен светски интервентен кардиолог и помогна за воведување нови методи на Клининиката за кардиологија и за прифаќање голем број макеоднски постдипломци и докторанди.
Плакета на Универзитетот доби Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, со која УКИМ интензивно соработува во изминатите девет години и се дел од заеднички конзорциум со кој е основан Европскиот информативен и иновативен центар во Македонија, а награда „Св. Кирил и Методиј“ за најдобар професор на Универзитетот годинава доби проф. Марјан Гушев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Ректорот Стојковски изјави за медиумите дека на голем универзитет каков што е УКИМ секогаш се појавуваат проблеми, но дека е најважно тие да се решливи.
- Во една ваква голема академска заедница од 60 илјади студенти и 3.300 вработени, се разбира дека се сретнуваме со различни ситуации, но се обидуваме секогаш да излеземе со некое решение и универзитетот непречено да продолжи по патот по којшто оди веќе 67 години. А тоа е патот на универзитет кој ќе биде пример во државата, кој ќе тежнее кон европски вредности и кој ќе го одржува високиот стандард на образованието во Република Македонија, изјави ректорот Стојковски кому му истекува вториот мандат на чело на најстариот и најголем универзитет во Македонија.
Идниот месец УКИМ ќе избира нов ректор кој ќе го предводи Универзитетот во наредните четири години. Како што соопшти Стојковски, засега пријава има доставено само проф. Ненад Новковски, но можно е да има и други кандидати утре кога е последниот ден од рокот за пријавување.
Чествувањето на патронатот ќе продолжи вечер со свечена академија во Македонскиот народен театар, на која во уметничката програма ќе настапи хорот „Драган Шуплевски“ на Факултетот за музичка уметност при УКИМ. Свечен концерт ќе одржи симфонискиот оркестар на ФМУ, на кој солист ќе биде познатиот српски виолинист Стефан Миленковиќ кој живее и работи во Њујорк.
На концертната програма се композиции од Глинка, Менделсон, Берлиоз, Паганини. Диригент на хорот и на оркестарот е Саша Николовски-Ѓумар.
Активностите со кои го одбележува патронатот, УКИМ ги почна вчеравечер со концерт на Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ во Дом на АРМ.
Ново на Сител
-
Погребна фирма во САД проневерила државна помош - не ги погребувала и кремирала телата
-
Да ѝ помогнеме на Моника Бојковска да оздрави
-
Арсовска: Нема да поминат заканите за тужба, да се одговори кога е осигуран објектот на Универзална сала
-
Албанец одбива да прими казна оти била напишана на македонски јазик
-
Османи: На затворена седница ќе презентирам информации за Бањска, а Владата ќе одлучи за натамошно учество во „Отворен Балкан“
-
Градоначалник на скопска општина доби кривична за прекршување на Законот за заштита на деца
-
Грејната сезона продолжува поради временските услови
-
Османи: За предметот „Пациент“ на СЈО немаше обвинение, мојот противкандидат нема идеи во оваа изборна кампања