Бизнис
11. August 2018 - 16:45

УЈП потврди дека ќе има увид во банкарските сметки, но за потребата за пополнување на даночните пријави

Управата за јавни приходи во секое време од банките ќе ги добива податоците на граѓаните по електронски пат.

Засега не е познато колку вработени во Управата ќе имаат пристап до податоците на граѓаните, но од УЈП уверуваат дека податоците се сигурни. Оттаму појаснуваат дека од банките и досега добивале податоци, но во хартиена форма.

Управата ќе ги разгледува податоците кои се однесуваат на оданочените приходи, а засега е разговарано тие да се доставуваат на месечна основа.

Оттаму појаснуваат оти засега се разговара за приходи од странство, а понатаму може тој опсег да се прошири, бидејќи потребните податоци за приходите во земјата УЈП ги има и од исплатувачите.

Од јануари наместо граѓанинот да ја пополнува пријавата, тоа ќе го прави УЈП, а даночните обврзници ќе треба само да потврдат.