Бизнис
18. July 2019 - 16:40

УЈП: Мој ДДВ ги дава посакуваните резултати

Расте бројот на пријави од граѓаните за нерегуларосности при издавањето фискални сметки откако „МојДДВ“ стапи во сила. Од Управата за јавни приходи велат дека граѓаните се повеќе инсистираат да добијат фискални за да можат направат поврат на ДДВ.

-Управата за јавни приходи по службена должност редовно спроведува контроли, а согласно пријавите на граѓаните интензивно ќе продолжи со цел целосно утврдување на фактичката состојба на терен во насока на намалување на сивата економија и овозможување на граѓаните да добијат поврат од ДДВ за секој производ или услуга за коишто платиле, велат од Управата.

Најмногу пријави УЈП добила за ресторани, маркети, колонијални продавници, фризерски салони... А има и фирми кои неколкупати биле пријавувани. Граѓани се жалат и од онлајн продавниците. Нарачаните производи до потрошувачите пристигнувале без фискална сметка.

Најмногу жалби Управата добила од граѓаните на Скопје, и тоа најчесто во Аеродром, Центар и Чаир. Но неправилности биле пријавени во речиси сите градови.   

Граѓани од Битола, Куманово и Скопје се пожалиле дека одредени правни субјекти издавале бледи фискални со нечитлив бар код.

Мерката стапи во сила на 1 јули годинава. Има за цел да ја намали сивата економија, бидејќи според надлежните, на тој начин сите граѓани ќе бидат инспектори и ќе ги пријавуваат оние кои се обидуваат да го заобиколат Законот.