Бизнис
11. August 2018 - 13:56

УЈП ќе добива податоци од банките за граѓаните за пополнување на годишната даночна пријава

Управата за јавни приходи електронски ќе ги добива од банките податоците за граѓаните неопходни за пополнување на Годишната даночна пријава, која од јануари следната година, наместо граѓанинот да ја пополнува, тоа ќе го прави Управата и ќе му ја доставува на граѓанинот на потврда. Податоците што ќе ги доставуваат банките и кои ќе ги користи УЈП, како и динамиката на доставување ќе бидат утврдени со законски измени.

Ова денеска на прес-кофнеренција го соопшти директорката на УЈП Сања Лукаревска која посочи дека и досега од банките добивале податоци но во хартиена форма за даночната постапка.

- Она на што се работи една година наназад е оваа размена на податоци да се автоматизира, наместо податоците да се доставуваат во хартиена форма, што е долга, спора постапка за сите страни. Автоматизираната електронска размена на податоци со банките ќе овозможи подобрување на ефикасноста на УЈП, подобри услуги за граѓаните и истовремено подобро администрирање на персоналниот данок на доход, појасни директорката, додавајќи дека со ова побрзо ќе се издаваат уверенија, решенија и други документи во надлежност на УЈП.

Таа додаде дека во консултации со сите релевантни институции на одржани низа состаноци меѓу УЈП, Министерството за финансии, Здружението, асоцијација на банките и претставници од банките, НБРМ и Дирекцијата за заштита на личните податоци заеднички е утврдената рамката за протокот на овие податоци, нивната содржина, динамика за достава и слично, како и стандардите за сигурност и заштита на личните податоци на граѓаните.

Таа увери дека личните податоци на граѓаните се сигурни, загарантирани и заштитени и дека и досега не се случило да се злоупотребат податоци од страна на вработени во Управата.

Лукаревска истакна дека користењето на податоците низ една ваква законска и сигурна процедура е императив за да може УЈП да издава однапред пополнети годишни даночни пријави кои граѓаните само ќе ги потврдуваат.

- Издавањето пополнетите годишни даночни пријави е дел од реформата за поедноставување на постапките за плаќање на персоналниот данок на доход, која УЈП ја спроведе со користење на средства од ЕУ ИПА фондовите, рече Лукаревска.

Елена Петровска  од Управата за јавни приходи на прес-конференцијата појасни дека во процесот на подготовка на годишните даночни пријави не е можно да се добијат податоци во хартиена форма за половина милион граѓани, колку што е бројката на оние кои доставуваа годишни даночни пријави до Управата за јавни приходи.

Управата за јавни приходи ќе ги разгледува податоците кои се однесуваат на оданочените приходи, а засега е разговорано тие да се доставуваат на месечна основа.

Петрова појасни дека засега се разговара за приходи од странство, а понатаму може тој опсег да се прошири, бидејќи потребните податоци за приходите во земјата за граѓаните УЈП ги има и од исплатувачите.

- Врз основа на податоците воспоставивме систем од 1 јануари преку кој исплатувачите ги пријавуваат сите исплати на приходи на граѓаните. Врз основа на податоците што ќе ги добиваме и од трети страни  ќе ги видиме приливите што подлежат на оданочување и што ги остваруваат граѓаните, што не се остварени во земјата и врз основа на сите тие пдоатоци ќе се изготви пополнетата годишна даночна пријава и ќе се достави до даночниот обврзник кој може да ја разгледа да ја корегира доколку има потреба или да ја потврди, појасни Петрова.

Со реформата остварените приходи во оваа година граѓаните догодина нема да ја пријавуваат сами преку годишната даночна пријава во УЈП, туку УЈП ќе им достави пополнета годишна даночна пријава.