Бизнис
7. July 2020 - 16:37

Угостителите се предомислуваат, Агатангел ги повика младите да не ги откажуваат венчавките

Угостителите ја чекаат одлуката од Комисијата за заразни болести дали ќе дозволи организирање на свадби и други прослави. Тие изутрината имаа средба со Комисијата на која ги доставиле нивните предлози за организирање на прославите. Во меѓувреме, се разговара и за можно одложување на утрешниот протест, за по изборите. Се надеваат дека надлежните ќе дадат зелено светло за да можат рестораните кои работат само со прослави да почнат конечно да работат.

Во меѓувреме, митрополитот Агатангел ги повика младите да не ги откажуваат венчавките чекајќи на кафеаните.

-Ве повикувам, сите вас, млади, кои планирате да стапите во брак, да не го одложувате тој момент, туку и без свадба да се венчате во црква, да добиете благослов Божји за брачен живот, па свадбата нека биде догодина, заедно со крштевката. А кога сме кај крштевките, исто така апелирам да ги носите децата на крштевање додека се мали, се разбира, со помалку луѓе, бидејќи, ако го одложите крштевањето, тоа може долго да потрае, а децата растат, почнуваат да се плашат и да се срамат, и може да останат некрстени, се вели во писмото од владиката.

Рестораните за свадби веќе пет месеци се затворени. Оние кои ги менаџираат сметаат дека е побезбедно да им се дозволи да можат да организираат прослави според строги протоколи, отколку луѓето сами да се собираат дома за мекици, родендени, свадби...

Пред извесно време на угостителите им се дозволи освен на терасите да примаат гости и во внатрешните делови на објектите, но без жива музика и прослави.  Се дозволи и организрање  на концерти на отворено со преполовена искористеност на капацитетот, задолжително носење маски и продавање карти онлајн.