Бизнис
13. јуни 2020 - 16:36

Угостителите од тиквешијата ги затворија кафеаните се додека не се сменат протоколите за работи

Ако не се олеснат условите за работа, угостителите од Тиквешијата нема да ги отворат објектите и ќе бидат принудени да ги отпуштат работниците. Околу 40 угостителски објекти во овој регион вчера во 19 часот ставија клуч на врата бидејќи, како што велат, финансиски не можат да издржат да работат со толку мал капацитет од своите локали.

“Не гледаме каде е разликата од маркети, банки, автобуси, каде луѓето сепак се во затворен простор и обавуваат некоја дејност, а во угостителските објекти не е дозволено тоа. Влегуваат во автомобил по четворица лица, а ние треба да ги разделиме на двајца по маса. Апсурдно!

Работното време бараме да биде и да ни се објасни зошто е до 22 часот и што е разликата ако би било до 24 часот?”, вели Дане Белевски, претседател на Здружението на тиквешки угостители.

Угостителите од Тиквешијата бараат итна средба со надлежните затоа што протоколите за работа биле донесени само еден ден пред отворање, со што воопшто немале можност да реагираат. Велат дека добиле поддршка и од други здруженија на угостители, но и од вработените.

Се жалат дека дополнителен проблем им претставува и притисокот од инспекциските служби.

“Од страна на Управата за јавни приходи имаме минимум по две контроли дневно, вршат преглед на состојбата со прометот од претходен период. И Пазарниот инспекторат исто два до три пати дневно. Тука сакаме да апелираме дека тоа е голем притисок, како за нас, така и за нашите гости”, вели Белевски.

Министерот за економија најави измени во протоколите за работа веќе во понеделник.

“До понеделник ќе бидат изготвени и дополнителни протоколи, што се однесуваат на работењето на угостителските објекти, вклучувајќи ги тука и хотелите”, рече Крешник Бектеши, министер за економија.

Угостителите од Тиквешијата, кои вработуваат околу 500 лица, велат дека нема да ги отворат своите локали сè додека надлежните не покажат интерес за нивниот проблем.