Македонија
13. May 2020 - 16:48

Угостителите очекуваат помош - мерките ќе им донесат дополнителни трошоци

Околу 3.000 денари дополнителен дневен трошок ќе има еден поголем угостителски објект за да може да обезбеди дезинфекциски средства за  заштита од коронавирусот , покажуваат нивните пресметки. Затоа тие предлагаа и се надеваат  дека владата ќе им помогне  со покривање барем на дел од овие пари со оглед на тоа што веќе подолго време тие се затворени.

На барањето на угостителите премиерот Спасовски возврати дека угостителите си го гледаат само личниот интерес наместо да дадат предлог како планираат да ја сузбијат сивата економија  во нивните објекти.

Во изминатиот период пазарниот инспекторат казнил 5 угостителски објекти кои работеле за време на полициски час. Од инспекторатот  апелираа до угостителите да се придржуваат на одлуката на Владата да  не  ги отвораат објектите бидејќи забраната за нивно работење сеуште е на сила.

Во меѓувреме угостителите сеуште ги чекаат протоколите по кои треба да работат. Утре имаат средба со комисијата за заразни болести на која очекуваат да бидат прифатени поголем дел од нивните предлози и да добијат насоки по кои ќе треба да се водат во идина.

Уверуваат дека кога ќе  ги отворат вратите, граѓаните ќе бидат безбедни, но апелираат до нив и тие да ги почитуваат препораките.

Угостителите се едни од најпогодените од кризата со пандемијата, поради што дел од нив беа принудени и  да го намалат брјот на работници.  Сепак многу малку од нив одлучија да ги искористат мерките за помош со образложение дека условите биле рестриктивни.