Loading Video...
Македонија
15. јуни 2021 - 16:58

УЕФА ја одби жалбата на Грција, дресот на македонските фудбалери е согласно договорот од Преспа

Натпреварите на европското фудбалско првенство, земјава ќе ги продолжи под кратенката МКД, а на дресовите ќе остане и амблемот ФФМ. Европската куќа на фудбалот ја отфрли жалбата на Грција која со протестно писмо реагираше на употребата на кратенките со кои Македонија настапува на првенството. Од УЕФА велат дека не дозволуваат спортскиот настан да се користи за пренесување политички пораки.

„УЕФА го следи примерот на другите спортски институции како Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и го користи кодот (МКД) од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО) и ова е во согласност со член 1, параграф 3, точка „е“ од Договорот од Преспа“, се вели во одговорот на Европската фудбалска федерација.

Во одговорот испратен до грчките власти кој го пренесуваат тамошните медиуми, УЕФА наведува дека во својата официјалната комуникација го користи името, Фудбалска федерација на Северна Македонија и соодветно ја прилагодила терминологијата за европското првенство.

Од друга страна, по реакции на ФФМ, УЕФА ќе го испита и вербалниот конфликт што се случи на дебитанскиот меч на Македонија кога австрискиот репрезентативец, Марко Арнаутовиќ, откако постигна гол наместо да прослави, тој упати навреди кон македонскиот репрезентативец Алиоски. Недоличното однесување се обидоа да го спречат соиграчите на Арнаутовиќ кои го истуркаа и му ставија рака на устата.

УЕФА објави дека назначиле инспектор за дисциплински и етички прашања да спроведе истрага.

Во Меѓувреме, Арнаутовиќ се извини преку социјалните мрежи на македонски и албански јазик, а потоа и на прес конференција.