Македонија
22. јуни 2022 - 16:37

Учениците со сите петки паднаа на тестот во гимназијата „Орце Николов“

Само 11 од 292 ученици имаат одлучен успех на приемниот испит во гимназијата Орце Николов. Поразителни се резултатите на учениците кои со 5.00 просек се обидоа да влезат во најпосакуваната скопска гимназија.

39 ученици се многу добри, 133 добри, 70 доволни, а 39 не успеале да добијат ниту преодна оценка. Тестирањето беше по македонски јазик и математика. Тестот по математика носеше максимум 100 поени, а по мајчин јазик максимум 70 поени.

Од училиштето се уште се без став и не сакаат официјално да ги коментираат резултатите.

Но успехот на учениците сега го вклучува алармот. Бирото за развој на образование ќе истражува на што се должи незнаењето на учениците.

-Генерлано вината не можеме да ја насочиме целосно кон наставниците имајќи ја предвид пандемијата и тоа што една година и повеќе наставата се одвиваше онлјан и многу други фактори. Но, дека имам проблем со оценувањето, тоа е факт, вели директорот на Бирото за развој на образованието, Зекирија Хасип.

Од Бирото велат дека наставниците треба да имаат целосна слобода при формирањето на оценките и да се ослободат од притисоци бидејќи тие единствено знаат какво знаење имаат самите ученици. Наставниците често се соочуваат со притисоци и од родители бидејќи оценката е поважна од знаењето со кое детето ќе излезе од образовната установа.

-Митот за скроз одлични ученици мора веќе да се победи и со тоа да се избегне моментот кога наставниците се ставаат пред свршен чин. Родителите, и јас како родител на три деца, треба еднаш за секогаш да се освестиме и да размислуваме самокритички дека не може секое дете да биде успешно во сите области. 

Во последните неколку години во Орце Николов се запишуваат учениците од предвидената квота. Во минатите години наместо приемен тест се формираа дополнителни паралелки за да се задоволат желбите на учениците и родителите.