Македонија
19. April 2018 - 8:51

Ученици и професори со заеднички настап ќе го одбележат патронот на струмичката гимназија

Ученици и професори од гимназијата „Јане Сандански“ од Струмица со заеднички настап и преку интересен музичко-сценски перформанс ќе го одбележат патрониот празник на училиштето на 23 овој месец.

- Дваесет и двајца професори и шеесетина ученици преку музика, песна и сценска игра ќе се навратат на минатото, ќе ги оживеат спомените, ќе и се радуваат на сегашноста, но и на светлата иднина на идните гимназијалци и економисти. Станува збор за мјузикл поврзан со сите наставни предмети и активности во училиштето од минатото до денес, информира професорката по музичка култура Анита Станковска, под чие раководство се одржуваат пробите.

На сцената во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе настапи и пензионираната професорка по француски јазик Катерина Хаџиеленова.

Одбележувањето на патрониот празник на училиштето ќе заврши со премиерата на претставата „Трошка надеж“ на учениците од гимназијата.