Балкан
23. August 2016 - 18:54

Убивал лекари по список: Словенец направи масакр во болница

На социјалните мрежи се објавени драматични снимки направени при престрелка во болница во словенечкото место Изола, во која загинаа 36-годишниот доктор Луис Гујермо Бустаманте, 43-годишниот полицаец Иво Жнидаршиќ и 70-годишниот напаѓач Дарко Грегорич, а ранет е уште еден полицаец.

Мотивите за нападот не се познати, а словенечката полиција соопшти дека 70-годишниот напаѓач во болницата стигнал со список со имиња на лекари што сакал да ги убие. Тој претходно бил осудуван поради грабеж на пошта.

Сведоците изјавија дека докторот бил застрелан во градниот кош. Докторот паднал на земја и почнал да ползи, но убиецот истрелал уште еден куршум во неговиот грб.

Во моментот на пукањето во болницата случајно се нашол и униформиран сообраќаен полицаец, кој почнал да пука за да го спречи убиецот во намерата, но и тој бил застрелан во градниот кош и веднаш починал.

Убиецот потоа излегол од болницата и седнал на клупа. По пет минути му се приближил вториот полицаец, во кој напаѓачот припукал и тешко го ранил. Следела престрелка во која загинал убиецот.

Словенечките медиуми јавуваат дека напаѓачот бил искусен и прецизен стрелец. Тој бил во резервниот состав на полицијата, но оружјето со кое го извршил злосторството не било пријавено и немало врска со полицијата.