Македонија
6. April 2018 - 14:06

Убавините на селото Нежилово низ објективот на „Ја сакам Македонија“

Во средишниот дел на Македонија, југозападно од Велес се протега етногеографската област Азот. Прекрасни планински предели со изразити стрмнини и незаборавни пејсажи, села кои ја имаат зачувано својата автентичност. Од околу 15-тина села сместени во овој регион нашето внимание овој пат го задржа селото Нежилово.
 
Доживувањето на убавините на Македонија го започнавме на надморска височина од 275 метри, во географскиот центар на нашата држава, во матичната општина Чашка. Одалечена е 15 километри од град Велес и се вбројува меѓу трите најголеми општини во Македонија.
 
Од општината Чашка до селото Нежилово води тесен кривулест, но асфалтиран пат долг 45 километри. Уште при самиот влез во селото вниманието ни го задржа прекрасниот поглед кон снежните врвови на Јакупица, неколкуте чешми кои ги има на сред село но најмногу старата селска архитектура која е сведок на некои далечни времиња кога во селото имало активен селски живот.
 
При нашата прошетка по тесните сокачиња, покрај селската чешма, го сретнавме чичко Стојан, жител на селото откако знае за себе. Тој се враќаше од атарот на селото каде заминал да собира штавеј. Со широка насмевка на лицето се израдува штом не сретна бидејќи добронамерници како нас има се помалку.
 
Селото некогаш броело повеќе од 400 жители. Според последниот попис на населението од 2002 година во селото Нежилово имало 63 жители, за разлика од денес кога има нешто помалку од 50, и тоа претежно старо население. 
 
Како наслението стареело, а сточарството како главна гранка за егзистенција полека изумирало, младите почнале да се иселуваат во градовите да бараат државна работа така и бројот на жители во селото се намалувал.
 
Откако починал тогашниот учител и се намалил бројот на жители, За жал, училиште во селото нема. Како што ни раскажа чичко Стојан, колку што него го држи сеќавањето, училиштето не фунционира уште од далечната 1980 година. Децата кои ги има само неколку учат во централното општинско основно училиште во селото Богомила.
 
Жителите на селото денес живеат мирен и спокоен живот. Најголема врева е жуборот на реката Бабуна, шумолењето на ветерот и селските кучиња и мачиња.
 
Нежилово како планинско село има потенцијал за развој на алтернативниот, селскиот, планинскиот туризам. Посебно за викендите од тука тргнуваат голем број на планинарски тури во искачување на највисокиот врв Солунска глава. Селото посебно заживеа пред 7 години кога покрај бистрите води на реката Бабуна беше отворен Рибник Нежилово, прибежиште за многумина од урбаната средина.
 
Заштитен знак на селото Нежилово е  и малата срна која Трајче ја чува веќе неколку години.
 
Селото Нежилово останува запаметено и како место каде на 16 декември далечната 1942 година на свои 16 години загина нашата позната партизанка Невена Георгиева – Дуња. Според сведоштвото на мајката на Трајче таа загинала на само неколку метри од селото Нежилово во судир со бугарската полиција и велешката контрачета.
 
Почитувајќи го присуството на оваа хероина во домот на родителите на Трајче во 2013 година тој постави спомен облежје во чест на нејзиното трагично загинување во оваа село.  
 
Смртта на Невена Георгиева е опеана во неколку песни од НОВ. Во нејзина чест и основно училишта во Нежилево го носел нејзиното име.

Весна Јованова