Балкан
26. November 2018 - 17:33

Уапсени криумчари кои илегално пренесувале мигранти од Грција во Италија

Грчката полиција во соработка со Крајбрежната служба на Грција уапси три лица по потекло од Романија, Грузија и Сирија, кои нелегално пренесувале мигранти од Грција во Италија.

Членовите на криминалната група ги пречекувале мигрантите кај реката Марица, на грчката граница со Турција, од каде со автомобили ги носеле во Атина, каде ги криеле во станови или магацини. Потоа ги пренесувале до некој од крајбрежните градови на полуостровот Пелопонез, од каде се качувале на брод и по морски пат стигнувале до крајната дестинација – Италија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, полицијата и крајбрежната служба денеска на прес-конференција објавија детали за акцијата, спроведена од 21 до 23 ноември, во која биле спречени 46 лица нелегално да стигнат до Италија.

– Со навремената интервенција на инволвираните сили, беше спречено криумчарење на 46 странски државјани, меѓу кои и две малолетни лица. Криминалната организација ги однела во јужниот дел на Пелопонез и тие се качиле на брод за да заминат кон Италија, изјави директорот на Дирекцијата за безбедност на Атика, Георгиос Канелос.

Портпаролот на грчката крајбрежна служба, Николаос Лагадианос, соопшти дека биле уапсени еден државјанин на Романија, двајцата членови на екипажот на бродот, од кои едниот Грузиец, а вториот Сириец, како и 46-те нелегални мигранти.
 
Било констатирано дека на бродот имало бројни пропусти кои што се однесуваат на безбедноста и кои можеле да ги стават во опасност животите на патниците.

Истрагата на полицијата продолжува за пронаоѓање на уште девет членови на криминалната организација.

Во акцијата биле запленети брод, помошен чамец, камион, два патнички автомобили, голем број мобилни телефони и СИМ картички, мобилен телефон со термичка камера, мапи, најнови ГПС уреди и готовина во износ од 3.000 евра.