Македонија
16. April 2021 - 16:38

Уапсен агентот кој продаде ист стан на седум купувачи

Полицијата го приведе агентот за недвижности кој со капар од 32 илјади евра оштети повеќе купувачи  на станови. По наредба на јавен обвинител, полицајци од единицата за економски и компјутерски криминал утрово го лишиле од слобода. Судот му определи мерки на претпазливост. Според предлогот на обвинителството на  осомничениот агент му се одредени следните мерки.

„Повремено да се јавува кај определено службено лице во Судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, како и забрана за преземање определени работни активности.“

Агентот се товари за кривично дело Измама а според обвинителството, тој  во периодот од мај 2020 до март 2021г, во повеќе наврати довел и држел во заблуда најмалку седум купувачи. Како агент во своја агенција за недвижности им прикажувал лажни документи дека е овластен од сопствениците да ги продава нивните станови.

„Откако ќе ги огласел становите, ги покажувал пред потенцијалните купувачи, договарал продажба и наплаќал средства на име капар, но потоа не доаѓало до склучување купопродажен договор, а уплатените средства не ги враќал.“

Дел од оштетените кои не сакаат јавно да зборуваат за случајот, вчера биле сослушани во Обвинителство. На неколкумина агентот  вчера повторно  им ветил дека денеска ќе им ги врати парите. Двајца купувачи платиле и данок  во град скопје, за ист стан, секој засебно, во вкупен износ од близу три илјади евра. Според информациите тој им покажувал  исти станови во зграда на ул. Новопроектирана во скопска Кисела Вода.  Два помали и два поголеми и на оштетените им ги нудел по различна примамлива цена од квадрат.