Фудбал
14. March 2017 - 19:35

У-21: Милевски со два тима за контролните дуели со Црна Гора и Бугарија

Селекторот на македонската репрезентација за фудбалери до 21 година Благоја Милевски денеска даде свое видување за претстојните контролните натпревари против Црна Гора и Бугарија.

- За мене како селектор квалификациите за пласман на ЕП 2019 во Италија започнуваат со натпреварот против Црна Гора. Дуелот против Црна Гора ќе го искористиме како последна проверка на потенцијалот на одредени фудбалери, посебно на оние кои не беа дел од селективните кампови поради објективни причини. Ова е вистинска шанса за Доријан Бабунски, Бенјамин Демир, Давид Атанаскоски, Никола Кулески, Стефан Јефтовски и Таулант Сефери да ги потврдат своите квалитети и да докажат дека можеме да сметаме на нив и на идните квалификациски пресметки,изјави Милевски.

-За жал не бев во можност да го повикам Калвин Н`Сомбо поради фактот што нема клупски ангажман во моментов. Се надевам дека во блиска иднина ќе го реши својот статус и повторно ќе биде во конкуренција за репрезентативен настап,додаде предводникот на Македонија до 21 година.

Средбата со Црна Гора е закажана за 24 март, а четири дена подоцна Македонија ќе игра против Бугарија. На овој меч Милевски ќе истрча со играчите што ќе настапат на ЕП во Полска, на кои ќе им се приклучат и неколкумина од А репрезентацијата.

- На вториот натпревар против Бугарија ќе сметаме на фудбалерите кои го изборија пласманот на ЕП во Полска надополнети со неколкумина од репрезентацијата која ја подготвуваме за следните квалификации. Ова ќе биде можеби и последен тест пред Европското првенство и затоа сите треба максимално сериозно да ја сфатиме задачата и на овој натпревар да одиграме на нивото од квалификациите и да го задржиме односот кон македонскиот дрес нешто што ја краси оваа селекција,истакна Милевски.