Македонија
19. December 2017 - 11:24

Твининг проект за зајакнување на капацитетите на Царинската управа

 Зајакнување на институционалните, административните и оперативни капацитети на Царинската управа на Република Македонија е целта на твининг проектот  што ќе се спроведува со поддршка на австриската Агенција за европска интеграција и економски развој и Царинската управа на Литванија.

Проектот „Зајакнување на институционалните и оперативните капацитети на Царинската управа“ чиј официјален старт беше означен денеска ќе трае 21 месец, а неговиот вкупен буџет е 1,6 милиони евра.

- Главната цел на проектот е дополнително зајакнување на административните капацитети на Царинската управа и нејзиниот капацитет за спроведување на законодавството на ЕУ и реформи за исполнување на европските барања во областа на царината за приближување на земјата до европските пазари и Царинската унија, рече директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски во своето обраќање.

Тој посочи дека проектот треба да помогне за побрзо приближување на земјава кон Европската Унија во областа на царината со цел да се оневозможи незаконското тргување со стоки, да се олесни трговијата и да воведат понатамошни подобрувања во областа на организацијата и управувањето со имплементирање на усвоени стратегии за понатамошен развој на царинските операции и процедури.

Главните проектни резултати од проектот се распределени во четири компоненти, од кои, како што кажа, првата е постцаринска контрола и ревизија, втората управување со ризик, третата лабораторија и четвртата обука.

Јаромир Левичек од Делегацијата на ЕУ во Скопје истакна дека ЕУ досега на Царинската управа и доделила 16 милиони евра како ИПА поддршка за да се постигне вистински баланс помеѓу нејзините функции за контрола и за собирање на даноците.

- Со овој твининг проект очекувам Царинската управа да стане уште повеќе оперативна и да ги подобри своите системи за контрола, но и да изгради партнерство во бизнис заедницата, рече Левичек.

Полициското аташе од Австриската амбасада Питер Китербергер посочи дека ова е петти твининг проект што Австрија го спроведува во Македонија во последните три години и додаде дека тоа ја покажува цврстата поврзаност помеѓу двете држави.