Свет
30. May 2017 - 12:33

Твининг проект за хармонизација на даночното законодавство со законите на ЕУ

Подобрување на правната рамка во областа на индиректното и директно оданочување преку усогласување со директивите на ЕУ и јакнење на капацитетите на Одделот за даночна и царинска политика при Министерството за финансии и Управата за јавни приходи со цел ефикасно спроведување на даночните закони и наплата.

Тоа се целите на заедничкиот твининг лајт проект „Понатамошна хармонизација на даночното законодавство со законите на ЕУ“, реализиран од Министерството за финансии од Република Македонија и Центарот за меѓународно и европско економско законодавство и Независниот орган за јавни приходи од Грција, беше посочено на денешната завршна конференција во Скопје.

Министерот за финансии Кирил Миноски рече дека проектот има големо значење имајќи ја предвид потребата на Република Македонија од континуирано имплементирање на директивите на ЕУ во домашното законодавство како земја кандидат за членство во ЕУ.

- Направени се анализи и процени за усогласеноста со директивите на ЕУ на постојната легислатива, што се однесува на персоналниот данок на доход, на даночната постапка, на данокот на добивка и данокот на додадена вредност, особено во делот на прометот на услуги, односно новите ДДВ правила воведени од 2015 година во телекомуникациите, преносот и електронските услуги, по што се изготвени предлог измени на законот за персонален данок на доход, за данок на добивка, за ДДВ и за даночна постапка, изјави Миноски.

Посочи дека очекува натамошно зајакнување на капацитетите на Министерството за финансии и УЈП со цел ефикасно имплементирање на предложените измени во домашното законодавство во областа на директно и индиректно оданочување, како и остварување ефикасна наплата на даноците.

Јаромир Лавичек од Делегацијата на ЕУ рече дека секоја влада треба да се стреми кон создавање даночен систем базиран на принципите на транспарентност, одговорност и рамноправна даночна конкуренција.

- Создавање ефикасен и транспарентен даночен систем е важно не само за ЕУ перспективата, туку и како основа за функционално Министерство за финансии. Вклучува одговорност и го намалува ризикот за измами и корупција. Овој проект значително придонесува за исполнување на овие предизвици, изјави Лавичек.

Амбасадорот на Грција во Македонија Димитрис Јанакакис рече дека завршувањето на проектот има големо значење бидејќи значи успешно имплементирање на првиот твининг проект спроведен од институции од нашите две држави.

Проектот е реализиран во период од осум месеци од ноември 2016 и финансиски поддржан од ЕУ со 249.960 евра.