Македонија
2. January 2021 - 16:47

Тутунарите се поделија, дел на протест, дел во откупните центри

Дали полека настанува тивка војна помеѓу Сoјузот на земјоделски здруженија и Иницијативнииот одбор на тутунарите кој ги организираше протестите. Од Сoјузот денеска излегоа со став дека од понеделник нема да ги повлечи поверениците од вагите, иако истото го ветија пред само неколку дена дека ќе се стопира откупот ако продолжи нереалната проценка. Се правдаат дека ова било желба на тутунарите побрзо да си го предадат тутунот. Исто така неизвесно е дали ќе го поддржат и протестот закажан за во понеделник пред Влада.

„Со секое повлекување на поверениците ние му даваме простор на откупувачите да не стегнувата во еден ќош, за да помини времето. А времето е многу кратко за предавање на тутунот“, изјави Менде Стомнароски, Сојуз на земјоделски здруженија.

Од Сојузот бараат да се зголеми динамиката на откуп за која и сами признаваат дека е катастрофално, но и дека цената е ниска.

„Динамиката на откуп во Општина Конче сега за сега е катастрофална, неколку пунктови откупуваат по само 100 картони, тоа е еден тон и во 11 часот пунктот се затвора“, истакна Живко Василев, повереник од Општина Конче.

„Во Долнени најмалку се откупува, имаме над 7.000 тони, а откупени се само 5% тутун во тој регион“, вели Месит Рушити, здружение на тутунари од Општина Долнени.

Од Иницијативниот одбор на тутунарите пак велат дека протест пред Влада ќе имало и покрај сите притисоци. 

„Значи изјавата дадена од Менде пред Нова Година беше јасна и децидна дека првиот работен ден по Нова Година откупот ќе запри до средбата со Премиерот. И кажа Менде дека е наша десна рака. Еве сега гледаме колку е Менде наша десна рака. Ние не знаеме дали е притисок од некого и не знаеме за кого работи, ама не работи во интерес на тутунарите“, рече Игор Мирчески, Иницијативен одбор на тутунарите. 

Го повикаа премиерот Зев во понеделник да ги прими и јавно да кажи како ќе им помогне.