Бизнис
8. January 2021 - 17:25

Тутунарите поделени ќе одат на средба со министерот - откупот отежнат, цената не е покачена

Проблемите на тутунарите остануваат на терен, обвинуваат дека се цени класа подолу, а динамиката на откуп била премногу слаба. За надминување на проблемот во среда имаат нова средба со министерот за земјдоелство и откупувачите на која ќе одат поделени. Од една страна Инцијативниот одбор, а од друга Сојузот на земјоделски здруженија. Од ИО велат дека Сојузот не ги застапувал вистинските барања на тутунарите затоа што не го поддржа штрајкот пред Влада и не ги повлече поверениците од вагите.

„Ние како ИО ја водиме сами оваа битка, значи ние и натаму ќе продолжиме сами. Во еден момент Сојузот ни даде поддршка и стоеше зад нас, па дури и се прогласи дека ни е десна рака, меѓутоа таа десна рака за 2 дена стана никаква рака“, истакна Игор Мирчески, Иницијативен одбор на тутунари.

Од Соузот признаваат дека динамиката на откуп е слаба, а цената не е покачена. Бараат пунктовите да работеле и во сабота, да се укине проценката по шифри, да се цени по класи и што побрзо да се откупел и вишокот на тутун.

„Цената до вторникот беше нешто над 167 денари, многу мало, за нијанса покачување. Да видиме денешниот ден како ќе протече и се ќе зависи од средбата што ќе ја имаме со министерот, премиерот и откупувачите“, рече Менде Стомнароски, претседател на Сојуз на земјоделскии здруженија.

Денеска со соопштение излегоа и од ВМРО-ДПМНЕ од каде побараа државата итно да реагира со зголемување на субвенцијата за 100% и таа да изнесува минимум 120 денари за четврта класа, до 180 денари за прва класа на тутун. Да се забранел увозот на тутун, да се ревидираат мострите, како и да има поголема активност на инспекторатот.