Свет
18. April 2017 - 16:10

Туск за најавата на Меј за избори во Велика Британија: Хичкок го режираше Брегзит

По повод денешниот повик на британската премиерка Тереза Меј на 8 јуни да се одржат предвремени избори во оваа земја, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, на Твитер напиша дека „Хичкок го режираше Брегзит“.

„Прво земјотрес, а потоа напнатоста расте“, наведе Туск на својот официјален приватен налог на оваа социјална мрежа.

Неговиот пост се однесува на коментарот што му се припишува на славниот режисер Алфред Хичкок дека добар филм треба да „почне со земјотрес и зад тоа треба да расте напнатоста“.

Во твитот што неколку минути потоа го напиша на официјалниот налог што го има како претседател на Европскиот совет, Туск наведе дека имал „добар телефонски разговор со премиерката Тереза Меј за претстојните избори во Обединетото кралство“.

ЕУ денеска соопшти дека не очекува распишувањето на предвремените избори во Велика Британија да влијаат врз преговорачките насоки за британското напуштање на Унијата, пренесуваат француските медиуми.

- Изборите во Обединетото кралство не ги менуваат нашите планови за ЕУ27. Очекуваме насоките за Брегзит Европскиот совет да ги усвои на 29 април и потоа до 22 мај да бидат подготвени преговарачките директиви за Брегзит, рече портпаролот на Туск, Пребен Аман.

Британската премиерка Тереза Меј денеска соопшти дека ќе побара на 8 јуни да се распишат вонредни парламентарни избори, наведувајќи дека владата има виситнски план за преговорите за Брегзит со ЕУ, но дека за тоа е неопходно политичко единство во Лондон.