Македонија
22. November 2015 - 18:09

Туск: Поддршката за земјата за бегалците ќе барам да биде иста како предизвиците

ЕУ е со вас и е подготвена да продолжи да со поддршката преку хуманитарна и техничка помош, преку агенциите на Унијата. Подготвени сме да обезбедиме многу повеќе отако ќе имаме проценка за вашите потреби. Ќе зборувам со земјите-членки на ЕУ за тоа што повеќе може да се направи во оваа смисла за да се осигураме дека нашата поддршка за вашата земја и за регионот ќе биде на исто ниво како и предизвиците со кои се соочувате.

Ова го изјави претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска на заедничката прес-конференција со претседателот на државата Ѓорге Иванов по нивната средба во Скопје посветена на бегалската криза.

- Доколку сме сериозни и сакаме да го задржиме Шенген и патувањето без визи, тогаш мора да бидеме и сериозни и да им помогнеме на земјите кои се на првата линија како што е вашата, рече Туск.

Тој нагласи дека секоја земја има право и обврска да ја штити својата граница, а за ефикасно менаџирање на кризата, нагласи од витална важност е сите земји од рутата да соработуваат и да има ефикасна координација меѓу нив.

- Нашата главна цел денес е да се намали протокот на бегалци, а не само да се олесни нивниот транзит. Тоа значи дека треба да се внимава на финансиската поддршка која би се дала за Турција и за Африка за да може да се намали протокот на бегалци, но тоа значи еднкаво и заштита и помош на вашата земја, рече првиот човек на ЕС постетувајќи дека лани ЕУ за Африка одвоила 20 милијарди евра.

Претседателот Иванов пак посочи дека Македонија, како дел од балканската рута, ги сноси последиците од нефункционалниот механизам на Унијата за распоредување на бегалците во земјите-членки со т.н., неспроведување на регистрација на бегалци и мигранти во земја-членка на Унијата и носење еднострани национални одлуки во членките кои го ограничија протокот на лицата без претходно да не информираат. Тој укажа и дека и покрај ветувањата, земјата се уште нема добиено помош од ЕУ за справување со бегалската и миграциската криза.

- Од почетокот на јануари оваа година до сега низ Македонија транзитирале половина милион бегалци и мигранти. И покрај ветувањата, Македонија нема добиено никаква финансиска и техничка помош од ЕУ, во однос на мигрантската и бегалска криза. Иако баравме од Унијата и опрема за регистрација на мигрантите и бегалците и опрема за надзор над државната граница, не добивме ништо. Македонија ги троши сопствените буџетски средства за менаџирање на оваа криза. Само за потреби на безбедносните служби досега сме потрошиле повеќе од 10 милиони евра. Се соочуваме со недостиг од материјални, кадровски и технички капацитети, да одговориме на заканите и ризиците по националната безбедност, рече Иванов.

Тој предупреди дека сега откако земјите од Унијата одлучија да го ограничат протокот на бегалци и извршија категоризација на т.н.“економски мигранти” контролниот пункт кај Гевгелија станува “тесно грло” за влез на мигранти и бегалци, поради што се зголемуваат безбедносните ризици.

Иванов, додаде дека го информирал Туск за одлуките од Советот за безбедност, но и дека се уште не е одговорено на македонското барање од состанокот во Брисел за распоредување мисија на Фронтекс на надворешната граница на Унијата од Грчката територија. 

На средбата станало збор и за евроинтеграциите при што шефот на државата побарал поголема решителност и поодговорен пристап на Европскиот совет во однос на отпочнување на преговорите со Македонија, а од него како престедател на Советот да се ангажира во оваа насока, проширувањето да не се третира како техничко прашање, и да не дозволи Советот да ги повтори досегашните грешки.

- Република Македонија стана школски пример, за тоа како не треба да се постапува со земја кандидат за членство во Европската унија, нагласи Иванов.

Претседателот на Европскиот совет, пак, рече дека ЕУ ќе продолжи со подршката за евроинтеграциите на Македонија.

- ЕУ е ваш партнер и ќе продолжиме да ве поддржуваме на вашиот пат кон целосна ингтерацијата со остатаокот од Европа. Ова не е само формален став на институцијата која што ја претставувам туку и мој личен став и верувам дека вие припаѓате на ЕУ и таму е нашата заедничка иднина, рече Туск

Претседателот на Европскиот совет попладнево ќе се сретне и со премиерот Никола Груевски.

Пред Македонија,Туск ги посети Србија и Албанија, а по Скопје неговата турнеја низ регионот ќе ги опфати и Босна и Хрватска.