Македонија
17. September 2019 - 16:07

Туск од Скопје упати порака до европските лидери: Северна Македонија ги заврши обврските, вие сте на ред

Според претседателот на Европскиот совет земјава е шампион на политичката зрелост во регионот, со успешното спрваување со мигрантската криза и договорите со Бугарија и Грција. На еден месец пред одлуката дали Македонија ќе добие датум за отпочнување на пристапните преговори со Европската унија, Туск порача дека реформите мора да продолжат.

Вашата земја во последните две години направи се што се очекуваше од вас за да може да се почнат преговорите за пристап во ЕУ и согласно со препораките на ЕК. Тоа продолжува да биде мој цврст став. Вашата земја направи се. Сакам да биде кристално јасно дека не постои сомнеж во Брисел во однос на вашата политичка обврска кон владеење на правото и борбата против корупцијата, истакна Туск.

Премиерот Заев е убеден дека следниот месец Европскиот совет ќе даде потврда за сработеното и зелено светло за пристапни преговори. Вели дека тоа е во интерес и на Македонија и на Европската унија. Македонската влада и натаму останува посветена на реформската агенда.

Европските аспирации на Македонија биле во фокусот и на средбата Туск-Пендаровски.

 Почетокот на пристапните преговори, според претседателот Пендаровски, ќе биде силен импулс за натамошно реализирање на суштинските реформи во државата до нејзиното идно членство во унијата, што ќе придонесе за севкупната стабилност и просперитет на државата и на регионот, стои во соопштението испратено од кабинетот на шефот на државата.

Туск заминува од челната позиција на Евроспкиот совет во декември годинава. Неговото место ќе го завземе белгискиот премиер.