Македонија
8. јуни 2017 - 18:05

Туск и Јункер до Заев: Поддршка во спроведувањето на реформите и проектите за членство во ЕУ

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер денеска упатија честитка до претседателот на македонската Влада Зоран Заев по повод неговиот избор за премиер и формирањето на новата Влада.

- Формирањето на новата Влада нуди можност за придвижување надвор од рамките на политичката борба што ја држеше земјата назад толку долго. Наредниот период и нуди на новата Влада можност за посветена работа, преку конструктивен дијалог со опозицијата, кон заедничката цел за евроатланска интеграција, се вели во честитката.

Од прес-службата на Владата информираат дека во честитката се посочува оти континуираната посветеност кон целосна имплементација на Договорот од Пржино и спроведувањето на приоритетите за итна реформа ќе бидат од суштинско значење за успехот на државата.