Свет
1. December 2017 - 22:31

Туск: ЕУ ќе преговара за Брегзит само ако Ирска го прифати предлогот на Лондон

Европската унија ќе го отфрли британското барање за преговори за транзицискиот период по излегувањето на Велика Британија од Унијата и за иднината на трговскиот пакт, доколку Ирска не е задоволна од понудата на Лондон за статусот на границата кон Северна Ирска, истакна денеска во Даблин претседателот на Европскиот совет Доналд Туск. 

- Пред да им ги предложам на европските лидери насоките за транзицискиот период и идните односи со Обединетото Кралство, прво ќе се консултирам со ирскиот премиер Лео Варадкар, за тоа дали британскиот предлог е прифатлив за Владата на Ирска. Ќе бидам многу јасен: Ако предлогот на Обединетото Кралство не е прифатлив за Ирска, тој нема да биде прифатлив ниту за ЕУ, нагласи Туск по средбата со Варадкар.

Ирскиот премиер од своја страна посочи дека, Велика Британија треба да понуди веродостојни, конкретни и практични решенија кои ќе гарантираат дека нема да има „тврда“ граница, каков и да е исходот од преговорите со ЕУ. 

Доналд Туск и Лео Варадкар

ЕУ го постави 4 декември како краен рок до кога Лондон треба да предложи решенија за границата меѓу Ирска и Северна Ирска, што е една од трите теми кои треба да бидат уредени пред да започне втората фаза од преговорите за Брегзит. 

Тоа може да се случи уште на Самитот на ЕУ што е закажан за 14 и 15 декември. 

Доколку по излегувањето на Велика Британија од Унијата биде обновена граничната контрола меѓу Ирска и Северна Ирска, тоа може да предизвика удар во нивните економии кои се тесно поврзани.