Свет
3. February 2017 - 21:15

Туск: Би прифатил втор мандат како претседател на Европскиот совет

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск по денешниот неформален Самит на ЕУ во Ла Валета изјави дека е подготвен да продолжи да ја извршува оваа функција и по мај годинава, кога истекува неговиот сегашен мандат.

- Од како разговарав со многу лидери, кои ми изразија поддршка, соопштив дека сум подготвен да продолжам со мојата должност. Сепак тоа зависи од одлуката на сите шефови на држави или влади, рече Туск,

Тој нагласи дека Малта, која е актуелен претседавач со ЕУ, најавила дека ќе изврши консултации по ова прашање.

Досега, против втор мандат на актуелниот претседател на Европскиот совет јавно се изјасни само неговата матична земја Полска, каде на власт од 2015 години е конзервативната популистичка партија Право и Правда (ПиС), која е лут ривал на демохристијанската партија Граѓанска платфрома (ПО) на Туск.

Инаку, како што јави ДПА, лидерите на ЕУ на неформалниот Самит во Ла Валета решиле Туск да го именуваат како „нашиот Доналд“, за не го побркуваат со новиот американски претседател Доналд Трамп.

- Некои мои колеги почнаа сосем спонтано да ме нарекуваат со новиот прекар „нашиот Доналд“. Морам да ви признаам дека тоа ми звучеше многу, многу интимно, изјави Туск.

Според него, овој прекар е показател дека лидерите на ЕУ се цврсто решени да ја штитат Унијата и нејзините вредности.

Во контекст на новиот прекар на Туск, премиерот на Малта, Џозеф Мускат се пошегува дека новата зграда на Европскиот совет во Брисел би требало да се нарече „Туск Тауер“, правејќи аналогија со облакодерот „Трамп Тауер“ во Њујорк.