Бизнис
13. February 2019 - 17:22

Турски компании заинтересирани за инвестиции во енергетиката и градежништвото

Претставници на турски компании, членки на Деловниот совет Турција – Северна Македонија при Бордот за надворешно економски односи, денеска, на средба со премиерот Зоран Заев и економските министри, се интересирале за условите за работа и поддршката од државата за нови инвестиции во енергетскиот сектор и градежништвото.

Од владината прес-служба соопштија дека вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев ги објаснил процедурите за државна поддршка за нови инвестиции во фотоволтаични напонски централи и најавил дека е во финална фаза подготовката на тендерската постапка.

Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, зборувал за рударскиот сектор и процедурите за издавање концесии за ископ на мермер и соопштил дека ќе има зголемувањена концесиите за експлоатација на метални и неметални суровини за 75 проценти.

– На средбата гостите изразија голема поддршка за храбрите чекори што ги направи нашата земја кон полноправно членство во НАТО со оценка дека тоа е важен предуслов за обезбедување на стабилна бизнис клима и привлекување на нови странски директни инвестиции,  се наведува во соопштението.

Премиерот Заев, информираат од Владата, ги нагласил одличната соработка и традиционалното пријателство помеѓу двете земји како значаен мотив за интензивирање на економските и трговски релации преку поврзување на бизнисите и искористување на големиот потенцијал за економска соработка.

– Ја посетивте нашата земја во исклучително важен историски период за нас. Како што знаете, Република Северна Македонија многу бргу ќе биде и полноправна членка на НАТО, а ќе започне и преговори со ЕУ, што е важен предуслов за економски развој. Оваа година очекуваме да биде економска година за нас. Имаме одлична соработка со сите турски компании кои работат во нашата земја, а во иднина очекуваме и многу нови турски инвестиции, рекол Заев.

На средбата присуствувал и министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Елвин Хасан.