Бизнис
1. December 2017 - 18:37

Турски инвеститор ќе отвори фабрика за кабли во ТИРЗ Скопје

Нова инвестиција  од почетни 6,6 милиони евра ќе се реализира во Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје.

Инвестицијата е на турската компанија Мурат Тиџарет која ќе изгради фабрика за производство на кабли за автомобилската индустрија во која во првата фаза ќе се вработат 300 лица, а производството ќе биде наменето за европскиот пазар.

Договорот за влез во ТИРЗ Скопје денеска го потпишаа директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Александар Младеновски и Ејуп Ѓулсај од компанијата Мурат Тиџарет.

Со договорот според условите на Дирекцијата тие добиваат парцела од 34 илјади метри квадратни на која треба да изградат објект од 18 илјади метри квадратни. Во првата фаза ќе ја изградат првата фабрика на 6.500 метри квадратни.

Изградбата ќе почне за два месеца и се очекува да биде готова до декември следната година.

Ѓулсај истакна дека одлучувачко турската компанија да инвестира во Македонија била долгогодишната соработка меѓу двете земји, местоположбата на Македонија блиску до Европа, квалификуваната работна сила, и позитивниот пристап на Владата и новиот пакет поддршки и субвенции за странските инвеститори. 

- Разговорите за влез на турската компанија почнаа пред осум месеци кои денеска завршија со потпишувањето на договорот за закуп на земјиштето, рече Ѓулсај. 

Според Младеновски, новите економски политики на Владата создаваат поволна атмосфера земјата да се позиционира како привлечна дестинација. Посочи дека покрај странските инвеститори зголемен е интересот за инвестирање во технолошко индустриските развојни зони и од домашните компании.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев оцени дека денешното потпишување на договорот и влезот на турската компанија е доказ оти Владата ги поддржува странските инвестиции. Ова, информира, е една од многуте странски инвеститори со кои разговара Владата за влез во Република Македонија. Во изминатите месеци Владата има разговори со 19 странски компании за влез во Македонија, а  следната недела ќе бидат објавени и новите мерки за поддршка на овие странски инвеститори. 

За потпишувањето на договорот и за реализација на оваа инвестиција се чекаа новите мерки за поддршка на инвеститорите.  Имаме, рече, транспарентна политика и јасни критериуми за работа на инвеститорите и со уште поголема поддршка за странските инвеститори. 

Анѓушев појасни дека покрај стандарадните услови што ги добива секој инвеститор за работење во ТИРЗ со програмата се предвидува секое работно место со плата над 18.000 денари да добиваат поврат од 20 проценти од нето платата доколку 80 проценти од вработените се од Агенцијата како невработени лица, се директно од образованието или се од редот на стечајни работници. Потоа добиваат 10 проценти поврат на инвестицијата ако е извозно ориентирана, дополнителни средства ако соработува со македонски компании. Истите услови, посочи, важат и за домашните инвеститори. 

Одговарајќи на новинарско прашање за објавените податоци за одлив на 57 милиони евра од страна на странските инвеститори во третиот квартал рече дека според него, тоа се должи на исплата на дивидентите кон матичните компании. 

Во врска со тоа дали последните случувања со приведувањата за настаните од 27 септември ќе предизвикаат нестабилност и тоа ќе влијае на економијата, посочи дека сме далеку од кризна состојба и тоа нема да има импликации врз економскиот живот и доаѓање на странски инвестиции во земјава. 

Компанијата „Мурат Тиџарет“ има 50 годишно искуство во производство на кабли за автомобилската индустрија. Работи во Азија и Америка. Има 2.200 вработени. Турција е еден од најголемите инвеститори во Македонија со инвестирани 225 милиони евра.