Балкан
25. February 2016 - 18:07

Турски авион принудно слетал во Сараево поради пијани патници

Авион од турската авиокомпанија „Пегасус“ кој летал на линијата Истанбул - Рим, денеска принудно слетал на аеродромот во Сараево поради пијани патници кои вербално навредувале луѓе во авионот, објавија босанските медиуми, пренесува Танјуг. 

- Денеска околу 12.30 часот на аеродромот во Сараево вонредно слета авион од авиокомпанијата „Пегасус“. Полициските службеници презеле пет лица, државјани на Турција, кои во видно алкохолизирана состојба вербално го навредувале персоналот во авинот, земале алкохолни пијалаци и не ги плаќале, изјави потпаролката на Граничната полиција на БиХ, Санела Дујковиќ, пренесува сајтот „Кликс.ба“.

Граничната полиција на БиХ по слетувањето на авионот преземала пет патници, кои моментално се наоѓаат во транзитно-трансферниот простор на Меѓународниот аеродром во Сараево. 

Дујковиќ објаснила дека истите ќе бидат под контрола и ќе бидат вратени со следниот лет на истата компанија за Истанбул. 

- Во овој момент тие се под контрола и не прават проблеми на аеродромот, додаде Дујкович. 

Од Меѓународниот аеродром кажале дека авионот е спремен да го продолжи патот кон Рим. 

Според неофицијални информации, во авионот биле навивачите на истанбулскиот фудбалски клуб „Галатасарај“, кои тргнале на утакмицата на Европска лига меѓу нивниот тим и тимот на Лацио.