Свет
12. March 2017 - 16:39

Турска министерка протерана од Холандија, демонстрации во Ротердам и Анкара

Холандската полиција синоќа со водени топови ги растера демонстрантите од пред турскиот конзулат во Ротердам. Тие протестираа откако на турската министерка за семејни прашања Фатма Бетул Сајан Каја и беше оневозможен пристап до објектот. Министерката  беше протерана од Холандија и со придружба на полиција доведена до границата со Германија.  Потоа со приватен авион полетала од Келн кон Турција.

Немири имаше и пред холандската амбасада во Анкара. Турското Министерство за надворешни работи  го затвори пристапот до објектот, но и до конзултатот во Истанбул.Официјална Анкара му порача на амбасадорот „извесно време да не се враќа“ на должноста.  Демонстранти го симнаа холандското знаме од конзулатот на Холандија во Истанбул, и го поставија турското знаме. Tурскиот премиер, Бинали Јилдирим, порача дека ќе спроведе „силни контрамерки“ и ќе одговори на „најжесток можен начин“.