Бизнис
22. May 2020 - 11:22

Туризмот со две сценарија за ефектот од кризата

До август – септември масовно е откажувањето на аранжманите, а има и драстичен пад на бројот туристи кои се очекуваат од странство. На повеќето компании од туризмот и угостителството ќе им требаат најмалку шест месеци до една година да се опорават ако епидемијата со коронавирусот заврши до крајот на 2020-та, покажува најновата студија за ефектите од КОВИД-19 во која беа вклучени Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.

Како што беше речено на денешната презентација на студијата, за секторот туризам и угостителство следува долг и многу тежок процес, а можни се две сценарија. Според првото, ако кризата заврши до крајот на оваа година, зависно од ефектот на економнските мерки што ќе бидат преземени, отпуштени би биле од работа 2.000 – 12.000 лица, падот на приливот од туризмот ќе биде преку 200 милиони долари или над 50 отсто од планираните проекции, а опоравувањето (што подразбира враќање на нивото од 2019 година) би било во 2023 година. Според второто сценарио, пак, ако кризата трае и по 2020 година, ќе згаснат 4.000 – 20.000 работни места, падот на приливот ќе биде преку 80 отсто, а опоравувањето може да се очекува во 2027 година.

-Загубите се огромни. И според првото и според второто сценарио од планираните 500 милиони долари промет, сега очекуваме под 250 милиони и тоа ако кризата заврши веднаш, но не е исклучено во второто сценарио кое не е далеку падот да биде над 80 отсто или да имаме историски најнизок промет од туризмот, под 100 милиони, може да се очекува огромен пад. Не може во моментов прецизно да се каже, ова се само релевантни претпоставки, но е за очекување тоа ниво драстично да падне дури и под 80 отсто, истакна ко-авоторот на студијата, Христијан Џамбазовски.

Според него, ако кризата до јуни биде под контрола, ако нема протоколи и летовите почнат редовно да сообраќаат во јули, падот на туристички пристигнувања на почеток би бил 50 отсто. Од септември би почнало стабилизирањето, но ефектот на крајот од годината сепак би бил намалување од над 50 проценти на странските туристи.

Секторот бара да продолжи субвенционирањето на плата од 14.500 денари и за јуни 2020 година, работодавачите да се ослободат од исплата на К-15 за 2020 година, одобрените бескаматни кредити да бидат во висина на прикажаните трошоци во завршната сметка, а нивното враќање да почне на 01.06.2021 во висина од прикажаните трошоци 2019 година, бараат компаниите од секторот туризам и угостителство.

-Во услови на економски шок исплатата на К-15 е големо оптоварување за претпријатијата. Затоа препорачуваме работодавачите да бидат ослободени од исплата на К-15 за тековната година, стои во студијата.

Во однос на бројот вработени, кризата предизвикана од КОВИД-19 повлијаела врз намалување на бројот на вработени кај 42 претпријатија од вкупно 64 кои земаат учество во оваа студија што сочинува 67 отсто од вкупниот број испитаници и тоа кај 25 компании што сочинува 39 отсто од испитаниците бројот на вработени се намалил помеѓу 81-100 проценти.

На прашањето дали последиците од КОВИД-19 имаат директно влијание врз ликвидноста на претпријатието, дури 56 испитаници или 88 отсто одговориле дека последиците од кризата имаат големо влијание врз ликвидноста на претпријатието, 6 претпријатија или 9 отсто одговориле дека влијанието е делумно врз ликвидноста, додека само две претпријатија одговориле дека влијанието врз ликвидноста е слабо.

-Падот на приход во првиот квартал од 2020 година во однос на првиот квартал од 2019-та за 32 претпријатија или 50 отсто од испитаниците е меѓу 81 и 100 отсто, за 11 претпријатија или 17 отсто падот е помеѓу 61 и 80 проценти, за 9 претпријатија кои сочинуваат 14 отсто од испитаниците падот е помеѓу 41-60 отсто, за 7 претпријатија или 11 отсто падот на приходот е помеѓу 21 и 40 проценти, додека за 5 претпријатија или 8 отсто падот е помеѓу 1 и 20 отсто што претставува поголем пад на промет по основ туризам од падот во 2001 година, пишува во студијата.

Кај речиси 100 отсто од хотелите се откажани резервациите за април, мај и јуни, за јули има откажувања на групни резервации од контрагенти кај 89 отсто од хотелите, за август кај 69 отсто од хотелиерите се откажани резервациите, за месец септември откажувањата се кај 50 отсто од испитаниците, за октомври кај 34 отсто од испитаниците, за ноември кај 17 отсто има откажувања. Откажувања има дури и за декември и јануари 2021 година.

Речиси идентична е ситуацијата и кај туристичките агенции кои се занимаваат со дојдовен туризам, покажува

Поради последиците од КОВИД-19 испитаниците очекуваат најголем пад од 68 отсто на туристи од Израел, од Полска 64 отсто, од Германија за 56 отсто, од Кина за 54 отсто, од Хрватска за 54 отсто, од Холандија и Грција за 53 отсто, од Србија, Турција и Бугарија за 48 отсто, од Република Северна Македонија пад од 46 отсто, од Албанија за 41 отсто, додека од останатите држави очекуван е пад од 56 отсто.

За надминување на ситуацијата секторот предлага и да мируваат обврските за осигурување и технички преглед на автобуси за превозниците кои не работат, намалување на цените на комуналните услуги за компаниите во овој сектор за 2020 година, како и ослободување или замрзнување на сите општински давачки и даноци за овој сектор во текот на 2020 година. За потребите на планирањето на маркетингот на туристичката дестинација, како што се наведува, потребно е Државниот завод за статистика да ја прилагоди статистиката во однос на приказот за број и ноќевања на домашни и странски туристи по земја на припадност, по општини, по месеци – овие податоци, да бидат прикажани и по категорија на сместувачки капацитет каде се остварени ноќевањата.

– Во периодот кој следува од клучно значење ќе биде одржувањето и зајакнувањето на односите со поголемите странски тур-оператори со кои негуваме традиционална соработка преку директна комуникација на сите нивоа (вклучително Агенција за поддршка и промоција на туризмот и Министерството за економија) во текот на кризата. Истото се однесува и на односите со авионските компании кои оперираат кон и од Република Северна Македонија, стои во студијата.

Неопходно е и стимулирање на домашниот туризам преку воведување посебни субвенционирани аранжмани и спроведување силна кампања за поттикнување на внатрешниот туризам.