Македонија
1. May 2021 - 16:29

Туристите го наполнија Охрид

Велигденските и првомајските празници го раздвижија Охрид. Домашните туристи, но и оние од регионот претежно од Србија и Црна Гора кои организирано доаѓаат преку агенции уживаат во прошетките покрај кејот на езерото но и во разглед на културно историските знаменитости додека во угостителските објекти на летните тераси се бара место повеќе. Но, од она што можеше да се забележи е дека не сите ги почитуваа мерките за заштита, дел од нив не носеа маски, а има и групирања.

Во хотелите најбарани се тридневните празнични аранжамни, а она за што најмногу се интересирале гостите пред да резервираат е времетраењето на полицискиот час и безбедносните протоколи. 

Бродарите на гостите им ги нудат убавините на Охрид од еден поинаков агол. Најбарани тури по езерото се панорамските прошетки до Канео и Свети Наум.

За празниците во градот има засилени полициски и инспекциски контроли кои ги казнуваат прекшителите на мерките за заштита од Ковид-19. Поголема гужва се очекува во доцните часови во верските храмови.