Македонија
10. March 2017 - 16:21

Туристичките потенцијали на Македонија се презентираат на саем во Берлин

Активниот туризам и културните и природните туристички знаменитости на Македонија се промовираат на Саемот за туризам што се одржува во Берлин од 8 до 12 март. 

На саемот својата понуда ја презентираат македонските туроператори Бадем тур, Вардар експрес, Фибула, Глобус травел, Бтб турс, Буши ресорт и спа и Гобалканс, а промоцијата на македонските туристички потенцијали ја организира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. 

За време на саемот се одржуваат многу активности, но голем фокус е ставен на претстојната конференција на Пацифик-Азиската Туристичка Асоцијација „PATA”.

- Денес на свечениот коктел на „PATA”, во организација и покровителство на „ITB” беше промовирана Глобална Конференција (PATA Global Insights Conference-PGIC) како дел од Самитот за туризмот 2017 кој ќе се одржува во Македонија пред гости од целиот свет. Ова е идеална прилика Македонија да ги собере на едно место важните чинители во светскиот туризам, но и да се претстави како дестинација којашто е во интензивен подем. Овој тип на промотивни алатки овозможуваат брза и ефикасна промоција и воедно брендирање и позиционирање на земјава повисоко во светската туристичка индустрија, а со тоа и зголемување на бројот на туристите и девизниот прилив од туризмот, изјави директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Лела Крстевска.

 

Од Агенцијата истакнуваат дека е договорено потпишување на меморандум за соработка со JICA (Japanese international cooperation agency) со Македонија, којашто заедно со останатите балкански земји како Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина ќе го промовираат балканскиот регион во Јапонија. На состанокот, како што соопшти Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, учествувале претставници од македонскиот приватен сектор кои биле поканети во Токио да учествуваат на бизнис средби со јапонските туристичките оператори.

Годинава на саемот учествуваат излагачи од 187 држави од пет континенти. Туристичката понуда е претставена во 24 хали, а се очекува саемот да биде посетен од  26.000 конференциски посетители, 60.000 приватни и 120.000 трговски посетители.