Бизнис
29. July 2020 - 19:55

Туристичките агенции на протест, бараат финансиска помош од државата

Туристичките работници попладнево излегоа на протест, кој заврши пред Владата од каде ги упатија своите барања. Над 700 работници со автобуси целосно ги блокираа скопските улици. Субвенции за минимална плата и целосно покривање на придонесите до крајот на годината, поволни кредити, ослободување од плаќање на ДДВ, продолжување на грејс периодот за враќање на кредитите до септември догодина, се само дел од барањата кои сметаат дека државата треба да ги прифати за да можат да го спасат секторот до целосен банкрот и да ги задржат работниците. Листата со барања пред речси еден месец ја доставиле и до Mинистертвото за економија од каде одговор досега немаат добиено.

Побараа помош и за превозниците кои како што велат поради лошата состојба нивните автобуси ќе останат паркирани во гаражите, и за туристичките водичи кои тврдат дека досега не биле опфатени со ниту еден пакет економски мерки.

Од Владата пак уверуваат дека постојано се следи економската состојба во земјава, но дека моменталната состојба е пречка за носење било какви одлуки.

-Свесни сме дека туристичките агенции имаат големи штети, меѓутоа ситуацијата во која се наоѓаме во моментот нѐ ограничува во носење на конкретни одлуки. Владата во моментов не може да носи економски мерки за поддршка на засегнатите од кризата, бидејќи нема моќ да носи уредби. Очекувањата се наскоро да се формира нова Влада, по што ќе се донесе и четвртиот пакет на мерки. Сите предлози од туристичките агенции ќе бидат разгледани и како Влада, заеднички со Министерството за економија, ќе се обидеме да излеземе во пресрет на барањата, се вели во дописот од Владата.

Поради кризата со вирусот туристичките агенции се веќе петти месец со клуч на врата и без приходи.