Македонија
21. April 2016 - 13:55

Туристичката понуда на Охрид пред австриската јавност

Во рамки на предвидените активности за промовирање на Охрид како најатрактивна туристичка дестинација во регионот, утре во Виена ќе биде организирана промоција на туристичката понуда на Охрид, на која се очекува присуство на голем број гости, меѓу кои и претставници на најголемите туроператори, туристички агенции и новинари за туризам во Австрија. 

На презентацијата организирана од градоначалникот Никола Бакрачески заедно со Амбасадата на Република Македонија  во Виена и почесниот конзул на Македонија во Австрија, Сузан Родлер, ќе биде прикажан видео-материјал со туристичката понуда на Охрид, со сето природно и културно историско богатство. Во рамки на презентацијата предвиден е коктел со традиционални македонски јадења и специјалитети од охридскиот регион.

Манифестацијата во Виена е осмислена како претставување на туристичките потенцијали и убавините на Охрид на австрискиот туристички пазар. Воедно тоа ќе биде можност  за директни разговори со туристичките работници од Австрија со цел ставање на Охрид  на туристичката мапа на  австриските туристички агенции и туроператори.

Промоцијата на туристичките потенцијали на Охрид  ќе се одржи во хотелот „Бристол“ со почеток во 18 часот.