Балкан
29. September 2016 - 8:59

Турција ја продолжува вонредната состојба во земјата

Советот за национална безбедност на Турција побара продолжување на вонредната состојба во земјата, што беше воведена пред три месеци, по обидот за преврат од 15 јули, пренесува БТА.

„Беше одлучено на Владата да и се препорача да ја продолжи вонредната состојба за ефикасно да се гарантираат заштитата на нашата демократија, правната држава, како и правата и слободите на нашите граѓани“, се посочува во соопштението на Советот по седницата во претседателската палата во Анкара.

Одлуката на Советот за национална безбедност беше очекувана откако претседателот Реџеп Тајип Ердоган ја нафрли ваквата идеја, забележуваат британските медиуми.

Вонредната состојба во земјата Ердоган ја прогласи на 20 јули, кога изјави дека таа на властите ќе им помогне да преземат брзи мерки против одговорните за обидот за преврат.

Советот за национална безбедност, исто така, препорача 15 јули секоја година да се одбележува како Ден на демократијата и слободите.