Свет
15. March 2017 - 13:00

Турција ја блокира соработката на НАТО и Австрија

Споровите на одредени европски земји со Турција сега се одразуваат и на НАТО и на неговите партнери, што не се членки, бидејќи Анкара ги блокираше сите програми за партнерство со Алијансата, во кои учествува и Австрија, што може негативно да се одрази и на мисијата на Косово, Авганистан и Медитеранот, пишува „Велт“. 

Од блокадите на Анкара најпрвин се погодени програмите за Партнерство за мир, во кои учествуваат 41 држава, меѓу кои и Австрија, што има најголем контингент на војници во составот на КФОР од земјите кои не се членки на НАТО. 

- Турската блокада на програмата за Партнерство за мир е сериозен проблем, цитира „Велт“ неименуван извор од високите кругови на НАТО. 

Повеќето земји-партнери, како што се Шведска или Финска во дописите до генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предупредиле на сериозно последици од блокадите од Анкара. 

- Долгорочната ерозија на нашата интероперабилност може да биде пречка за нашата способност да учествуваме на важни вежби на Алијансата и да ја поддржиме операцијата на НАТО, се наведува во писмото на амбасадорката на Финска во НАТО Пирите Асунма.

Таа истакна дека тоа би било голема штета за двете страни, како за Финска така и за НАТО. Хелсинки не е член на Алијансата. 

Анкара ги постави овие блокади како последица од барањето на Австрија за прекин на преговорите за пристапување на Турција кон Европската унија и критиките на Виена на сметка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. 

Турција, претходно ја најави блокадата за Австрија на меѓународно ниво и се очекуваше дека ќе ја блокира и работата на ОБСЕ, каде оваа година преседава Виена.