Балкан
12. September 2016 - 11:21

Турција има докази дека разрешените градоначалници им давале поддршка на курдските бунтовници

Турција има докази дека градоначалниците на курдски општини, кои вчера беа разрешени, ги поддржувале курдските бунтовници, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и додаде дека тие требало многу порано да бидат разрешени. 

Тој денеска пред новинарите во Истанбул, каде присуствува на празнична молитва по повод празникот Курбан Бајрам, нагласи дека секоја општина, која ги поддржувала бунтовниците ќе треба да плати.

- Никогаш државата не може да биде на една страна со терористичките организации, рече Ердоган.

Тој ги оцени вчерашните мерки за разрешување на градоначалниците како „задоцнет чекор“ и додаде дека да „бидеш избран за градоначалник не значи дека можеш да правиш што сакаш, вклучувајќи ја и поддршката на тероризмот“. 

- Сето тоа е утврдено. Снимено е каде и што правеле со автомобилите. Како пренесувале ТНТ. Создале трајна закана за регионот. Која општина и да го правела тоа ќе треба да плати, изјави Ердоган.

Турција именува вчера нови градоначалници во 24 курдски општини, предизвикувајќи протести во претежно курдскиот регон на земјата, кој се граничи со Сирија и Ирак.

Прокурдската опозиција овие мерки ги означи како „административен преврат“.