Балкан
18. April 2017 - 18:20

Турција: Челик во заштита на Високата изборна комисија

Турскиот министер за Европската унија Јомер Челик ги оквалификува како „политички мотивирани“ коментарите против одлуката на Високата изборна комисија да ги прифати како валидни гласачките ливчиња без печат од референдумот што се одржа во неделата во Турција за проширување на овластувањата на турскиот претседател.

Челик се стави во одбрана на правната рамка на Турција и транспарентниот изборен процес. 

- Погрешни се политички мотивираните коментари против одлуката на Високата изборна комисија да ги прифати ливчињата без печат, нагласи Челик. 

Тој исто така остро ја критикуваше позицијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во однос на турскиот референдум. 

- Соопштението на ОБСЕ ги преминува границите на дозволеното. 

Зошто ОБСЕ не зборува за тоа дека на приврзаниците на уставните измени на пример им беше забрането да се состанат со електоратот во Европа? Ова е доказ за пристрасниот однос на оваа организација, а ние очекуваме од меѓународната заедница објективност и непристрасност, истакна Челик. 

Турскиот министер додаде дека Турција е „отворена за дијалог со Европската унија“ по сите актуелни прашања на двостраните односи. 

Челик наведе дека, за разлика од мислењето на ОБСЕ, во Турција сите (учесници во предизборната кампања) слободно се сретнувале со народот. 

- Во Турција е создадена здрава и транспарентна законодавна база за спроведување на избори, увери турскиот министер. 

Претходно, Бирото за демократски институции и човекови права при ОБСЕ објави дека референдумот во Турција не одговарал со стандардите на Советот на Европа.