Свет
21. January 2016 - 8:43

Тунис: Полицаец загина во протестите против невработеноста

Еден полицаец загина во жестоките судири меѓу силите на редот и демонстранти, кои бараат работни места во повеќе градови на Тунис, соопштија властите.

Најмасовен беше протестот во градот Касерин во централниот дел на земјата. Демонстрантите палеа автомобилски гуми и скандираа: „Работа, слобода, достоинство“.

Демонстрациите во градот почнаа во вторникот и продолжија вчера. Повод за нивно избувнување беше самоубиството на локален маж, кој откако се пријавил на конкурс за работно место, бил одбиен.

Во обид да ги намали протестите, Владата на претседателот Бежи Каид Есебси вчера објави дека ќе изготви планови за ангажирање на над 6.000 млади невработени во градот Касерин во градежни проекти во регионот.