Македонија
13. јуни 2020 - 15:44

Труење на кучиња и вандализам врз урбаната опрема во Македонска Каменица

Труење на кучиња и вандализам во Македонска Каменица. Група граѓани информираат дека отров е поставен на целата територија на Македонска Каменица, појава која започнала во текот на вчерашниот ден, а била видлива и денеска.

-Најчеста е појавата на отруени кучиња во долниот дел на градот, односно улиците Осоговска, Илинденска и Македонска. Апелираме до сите оние кои имаат домашни миленици да ги приберат, за да не се случи најлошото, велат жители на градот.

Освен оваа појава, во текот на изминатиот ден биле уништени повеќе клупи за седење во централното градско пдорачје, што беше причината од општината и Јавното претпријатие „Камена Река“ кое е задолжено за одржување на опремата, остро да регаираат кон ваквите вандалски дејствија.

-Апелираме до граѓаните да се однесуваат совесно, да не вршат вандализам, кој за жал константно се прави, особено во вечерните часови кога уништувањето на поставената урбана опрема најчесто се случува. Наместо да продолжиме да уредуваме нови јавни простори за разубавување на градот, ние средствата мораме да ги пренамениме за поправка на уништената урбана опрема, велат од претпријатието и локалната самоуправа, барајќи од надлежните органи да поведат истрага за пронаоѓање на сторителите.

Оттаму додаваат дека функционалноста на уништената опрема ќе биде вратена веднаш, со тоа што штетата предизвикува дополнитени импликации врз буџетот на претпријатието, а со тоа и на граѓаните.

Во име на една од месните заедници во урбаната средина се нуди и парична награда за пронаоѓање на сторителите, кои отруја неколку кучиња, а исто така оштетија и дел од поставениот инвентар во централното градско подрачје.