Свет
21. October 2015 - 9:17

Трудо: Канада ги повлекува борбените авиони од Ирак и Сирија

Новиот канадски премиер Џастин Трудо изјави дека на претседателот на САД Барак Обама му порачал оти канадските борбени авиони ќе бидат повлечени од борбата против Исламска држава во Ирак и Сирија, но не прецизираше кога тоа ќе се случи.

Трудо на прес-конференција изјави дека со Обама разговарал по телефон и оти посочил дека канадската борбена мисија ќе заврши. 

Канада минатата година испрати борбени авиони ЦФ-18, кои би требало да останат во мисија до март 2016 година, како и 70 специјалци за обука на Курдите во северен Ирак.

За време на предизборната кампања Трудо вети дека ќе ги врати борбените авиони во Канада и ќе стави крај на нивната мисија во Ирак и Сирија, додека екипите за обука ќе продолжат да работат.

Во телефонскиот разговор Обама му честитал на победата на новиот канадски премиер на изборите во понеделникот.